Се заострува реториката меѓу Скопје и Софија. И додека Македонија останува посветена на евроинтегративниот пат, дел од бугарските политичари и европратеници прогласија победа по бришењето на македонскиот јазик и нација од Извештајот во Европарламентот. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека нема незрело да се однесуваме, уште посилно и посветено ќе работиме на реформите. Сепак, смета дека ни е нанесена неправда. Кратко потоа нови превирања на иста релација. Откако бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев го именуваше Мицкоски со „северномакедонски“ премиер, а шефот на македонската влада му возврати дека глушецот добил наредба да го задева лавот и го нарече „момче“, бугарскиот премиер Росен Жељазков побара извинување. Претходно реагираше и бугарското МНР, со обвинување за непочитување на принципите за добрососедство. Македонското МНР го повика на разговор бугарскиот амбасадор во земјава за да му врачи официјален протест.
Дали Бугарија навистина победи во Стразбур?
За дел од бугарската експертска јавност, важно е да се пронајдат основните причини за настанатата ситуација. Според, Марија Симеонова, директорката на Канцеларијата на Европскиот совет за надворешна политика во Софија, острата реторика започна за време на процесот на подготовка на извештајот.
-Моментално сме во ситуација на управување со криза, гаснење пожар што не требаше да се случи доколку имаше желба за напредок на РСМ во процесот на интеграција во ЕУ. Бугарските политичари реагираа единство и ова беше очекувано, бидејќи по усвојувањето на таканаречениот француски предлог, постои консензус за темата РСМ низ целиот политички спектар. Мислам дека можеме да зборуваме за „победа“ кога односите меѓу нашите земји и општества ќе заздрават и таквите ескалации нема да предизвикаат низа емоционални и неприфатливи напади, вели Симеонова во разговор за „Локално“.
Запрашана дали со ова повторно се отвора прашањето за македонскиот идентитет и јазик во ЕУ, иако претходно не уверуваа дека Преговарачката рамка ги националните обележја, соговорничката од Бугарија смета дека премиерот Мицкоски ги користи сите можни лостови и можности за да го одвлече вниманието од фактот дека Македонија застојува во процесот на европска интеграција.
-Во ЕУ постои силна и непоколеблива позиција дека Македонија ќе ги започне преговорите откако ќе ги усвои измените во Уставот. Ова одложување ги чини македонските граѓани пропуштени можности да имаат корист од напредокот во процесот на преговори, вклучително и во форма на европско финансирање. Ова станува уште појасно во контекст на напредокот на Албанија и Црна Гора, наведува Симеонова.
За размената на зборови „северномакедонски“ наспроти „момче“ и „глушецот го задева лавот“ и до кога ќе има меѓусебно обвинување и непријателство, директорката на софиската Канцеларија на Европскиот совет за надворешна политика вели дека често ја посетува Македонија и оценува дека ваквите зборови не ги дефинираат односите меѓу нашите два народа.
-За жал, верувам дека двете земји се во националистичка стапица и лидери како српскиот претседател Александар Вучиќ и унгарскиот премиер Виктор Орбан го искористуваат ова. Првиот наметнува сè поавторитарно владеење, ги лишува српските граѓани од медиумски плурализам и апси студенти-демонстранти кои сакаат Србија да ја искорени корупцијата, додека вториот го поткопува европскиот проект во време кога единството на Европејците е очајно потребно за справување со сериозни регионални и глобални безбедносни предизвици, потенцира Симеонова.
Изминатиот период, пред на 24 јуни да се гласа за извештајот во Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ), бугарските европратеници заради политички притисок, заедно со европратеници на германската демохристијанска ЦДУ поднесоа неколку амандмани со кои сакаа пред македонскиот јазик да биде вметнат зборот „модерен“, алудирајќи дека тој е новосоздаден, модерен/сегашен јазик. Откако Комитетот ги одби тие амандмани и го изгласа извештајот, тие најавија дека ќе ги поднесат на пленарна седница на Европскиот парламент кога конечно се усвои извештајот.
Како нова „запирка“ во овој турбулентен период меѓу двете земји е и вчерашната објава на европратеникот Андреј Ковачев. Тој го осуди инцидентот со скопската градоначалничка Данела Арсовска, нарекувајќи го „уште една загрижувачка атак врз бугарски државјанин во С.Македонија“. „Ова е уште еден случај на насилство, малтретирање и јавно линчување врз бугарски државјаникои држат високи јавни функции и стекнале бугарско државјанство врз основа на докажано бугарско потекло – само затоа што се осмелиле да се изјаснат како Бугари“, истакнува Ковачев. Тој повика бугарската држава да ги заштити над 216.000 бугарски државјани во Македонија, кои, според него, доброволно го стекнале државјанството и се изјасниле како етнички Бугари.
Н.П.