Мециновиќ: Напад на градоначалник на главниот град е повод за институционален земјотрес

од Nikola Popovski
72 прегледи

Пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ, преку својот фејсбук профил повторно реагираше на загрижувачката ескалација на политичкото насилство во државата и молкот на институциите по последниот напад врз градоначалничката на Скопје.

Тој упати јасно предупредување за тоа колку е опасно насилството да се нормализира и какви последици тоа може да има:

„Поопасно отколку што се чини и зошто реакцијата на Мицкоски е загрижувачка:

Политичкото насилство е опасен и лизгав терен – ако не се спротивставиме веднаш и недвосмислено, лесно може да прерасне во поширока спирала на страв, репресија и уривање на владеењето на правото.

Кога власта нема решителност да го спречи првото дело на политичко насилство, тоа станува сигнал дека такво однесување е дозволено. Тогаш следи второ дело – посмело, појавно, поттикнато од чувството на неказнивост. Насилството станува алатка, а не исклучок и се нормализира во политичкиот живот. Институциите се повлекуваат, граѓаните се заплашуваат и наместо дијалог, владее заканата.

Напад на градоначалник на главен град е неизмерно ретка појава. Оние неколку напади на градоначалници на големи градови во Европа кои ги има забележано историјата, посочуваат на опасноста од оваа спирала и зошто е потребно сега, повеќе од кога било, да го осудиме нападот врз Арсовска.

– Во 2019 година, Павел Адамович од Гдањск, избоден и убиен;
– Хенриете Рекер во 2015 година во Келн, нападната со нож;
– Јани Бутарис во Солун во 2018 година, физички нападнат; и уште малку примери од континентот, со исклучок на случувањата поврзани со Украина, каде насилството е воено.

Во сите овие инстанци, лидерите на државите застануваат во одбрана на жртвите на насилството, осудувајќи ги напаѓачите – попречувајќи го патот кон ескалација. Но, очигледно во Македонија, нашите лидери се чувствуваат моќно и сакаат да ја насочат политиката кон насилство додека имаат контрола врз репресивниот апарат. Просто, Мицкоски и Тошковски не го осудија нападот.

Министерот за внатрешни работи, како прва институционална брана против политичката агресија, ја компромитира својата улога со тоа што не реагира решително и транспарентно. Неговата функција не е само техничка, туку и етичка – да гарантира дека ниту еден граѓанин, нема да биде жртва на неказниво насилство. Затоа, објективна и неопходна е неговата оставка, како институционална одговорност за заштита на јавната безбедност.

Одмаздољубие, суета и желба за потчинување се главни мотиватори на нашиот државен врв. Мицкоски и Тошковски ни укажаа дека службите под нивно водство реагираат единствено ако сте со нив – ако не сте, не се надевајте.

Напад на градоначалник на главниот град е повод за институционален земјотрес, иако премиерот и министерот се однесуваат како да треба да го прифатиме ова како ново нормално во нивната репресија.” – напиша пратеникот Мециновиќ.

Слични содржини