Советниците на Општина Карпош заедно со жителите најавуваат мирен протест во одбрана на спортската сала „Наум Наумовски – Борче“, попозната како сала Партизан, која според одлука на Владата треба да премине под надлежност на Министерството за спорт.
Под мотото „Партизан не го даваме“, протестот ќе се одржи во среда, 16 јули, во 19:30 часот пред самата сала. Одлуката на Владата предизвика бурни реакции во јавноста и локалната самоуправа, откако стана јасно дека просторот се одзема без образложение и без претходна консултација со општината, и покрај тоа што неколку години претходно салата беше дадена на трајно користење на Општина Карпош.
-Салата ‘Партизан’ не е само бетон. Таа е дел од историјата на Карпош, од младоста на илјадници деца и спортисти. Ние ќе застанеме исправено и ќе кажеме НЕ на непринципиелното одземање на имот во сопственост на карпошани, велат организаторите.
Според податоците од општината, во последните години во салата се вложени повеќе од 4 милиони денари за нејзино опременување, реновирање и одржување, со средства од буџетот на граѓаните на Карпош.
Советот на Општина Карпош неодамна изгласа Заклучок со кој се противи на одлуката на Владата, оценувајќи ја како штетна, непромислена и спротивна на интересите на локалната заедница.
-Протестот во среда ќе биде отворен за сите граѓани, спортски клубови, поранешни и сегашни спортисти, родители и ученици, со цел да се испрати јасна порака: Јавниот интерес и локалната самоуправа мора да бидат почитувани, стои во најавата.