На територијата на целата земја денеска има шест активни пожари, а најтешкиот и најспецифичен е пожарот на планината Готен, на тромеѓието помеѓу општините Василево, Берово и Радовиш. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов во попладневната изјава за медиумите потенцира дека и покрај специфичноста, пожарот не може да загрози ниту едно село.
– Денеска досега се забележани повеќе од 12 пожари на отворен простор. Од нив шест се активни, останатите се изгаснати. Од овие шест имаме неколку кои се исклучително тешки за гаснење. Најтешкиот, најспецифичниот пожар е пожарот кој се одвива на планината Готен, на тромеѓето помеѓу општините Василево, Берово и Радовиш. Овој пожар создаде одредена вознемиреност кај населението но, категорично тврдам дека не може да загрози ниту едно село. Од страната на Радовиш, пожарот полека се спушта, се движи споро, во зависност од насоката на ветерот кој релативно често дува на ова подрачје, изјави попладнево директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов.