Меџити: Нема да има градби на скопското Кале

од Nikola Popovski
177 прегледи

Вицепремиерот и еден од лидерите на коалицијата ВЛЕН, Изет Меџити изјави дека нема да има градби на скопското Кале. Според него, обидот за изградба на црква во 2011 година бил спречен од активисти и оттогаш објектот е запоставен.

Сега, вели Меџити, просторот на Калето се чисти и се отвора за граѓаните и туристите, како споменик на културното наследство.

„Обидот за изградба на црквата во 2011 година беше спречен од активисти, а оттогаш градбата е запуштена. Денес, просторот се чисти и се отвора за граѓаните и туристите, како споменик на културното наследство. Владата дејствува институционално за да избегне меѓуетнички конфликти и да го заштити наследството. Калето е доказ за политизацијата и злоупотребите од минатото, но повеќе нема да биде дозволено да се користи за политички цели или поделби. Денес, Калето е лицето на срамот на тие политики и политичари кои, за да ја одржат власта, се подготвени да дозволат какво било понижување. Состојбата во која се наоѓа овој споменик денес е потсетник дека политичарите од минатото го користеа како отскочна даска за некои луѓе да влезат во политиката тајно, а не како сериозна понуда. Калето ќе биде реставрирано во достоинствен простор што ја одразува рамноправноста и мултиетничкиот идентитет на градот. Опуштете се, нема да има политички градби на просторот!“, напиша Меџити на социјалните мрежи.

На Скопското Кале започна акцијата за чистење, бидејќи долго време беше обраснато со трева и преполно со отпадоци. Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, нагласи дека овој важен симбол на историјата и културата е оштетен и запоставен во изминатите десет години. Тој исто така најави дека двата музеја кои се наоѓаат во рамките на Калето ќе бидат обновени.