Над 12.000 декари се досега опфатени со пожарот на планината Пирин во Бугарија, јавија бугарските медиуми. Пожарот избувна во петокот вечерта, а сега повторно се насочува во правец на градовите Сандански и Струмјани во близина на македонската граница, односно општините Пехчево и Берово. Денеска се очекува во борба со огнената стихија да се вклучат и хеликоптери.
Како што изјави Валентин Василев, областен директор на противпожарната служба, проблем е силниот ветер што претпладнево дува.
„Во моментов фронтот се развива во правец на Плоски и на Влахи. Овој силен ветер ја смени насоката ноќеска и помогна за ширење на пожарот на југ, но можам да кажам дека во текот на ноќта со дејствувањето на нашите екипи не дозволивме пожарот да зафати ниту една зграда“, изјави Василев за Бугарско национално радио.
Во моментов нема поголема опасност за населени места.
Над 200 пожарникари и доброволци се од утрово на терен, а на помош ќе им дојдат и три хеликоптера, од кои два од партнерски држави.
Во Бугарија денеска треба да долетаат по еден хеликоптер од Франција, Унгарија, Чешка и Словачка и два авиона за гаснење пожари од Шведска. Во Бугарија се проценува дека моментално има околу 200 шумски пожари.