Менаџерот на Њукасл, Еди Хау, повторно се изјасни за иднината на Александар Исак. Шведскиот напаѓач беше изоставен од предсезонската турнеја на тимот откако изрази желба да се пресели. Ливерпул е заинтересиран за неговиот потпис, но според Хау, немало формална понуда за Исак на „Сент Џејмс Парк“.
Менаџерот нагласи дека Њукасл има одредена контрола врз иднината на напаѓачот бидејќи има договор со клубот, но потоа призна дека иако самиот сака Исак да остане во клубот, тоа не зависи од него.
„Тој е сè уште наш играч и има договор со нас. До одреден степен ние контролираме што ќе му се случи. Би сакал да верувам дека сите опции се сè уште отворени за нас. Мојата желба е тој да остане, но тоа не е целосно под моја контрола. Не сме добиле официјална понуда за Алекс од ниту еден клуб. Мојата желба е тој да остане и да го видиме како игра за нас повторно следната година“, рече Хау.
Според информациите во англиските медиуми, сепак, раководството на Њукасл веќе работи на привлекување на можна замена за Исак, а најпосакувани опции се Бенџамин Сешко и Јоан Виса. На списокот се наоѓаат и Оли Воткинс и Николас Џексон.