„Сакаме јасно и одговорно да ја известиме јавноста дека безбедноста на воздушниот сообраќај во Република Северна Македонија ниту во еден момент не е доведена во прашање. Тасевски изнесува неточни, тенденциозни информации, ги извртува и вади од контекст. Неговиот настап на ТВ 24 нема допирни точки со синдикалното делување и заштита на работничките права во Друштвото. Напротив, истиот преку синдикатот се обидува да се меша во менаџирањето на компанијата и истото го прави само кога политички му одговара, додека реалноста е дека во воздухопловството нема место за политиканство“, велат од Управниот одбор на М-НАВ по неодамнешните изјави на претседателот на Синдикатот на контролори на летање, Александар Тасевски во една дебатна емисија.
Изнесените инфoрмации и лични ставови на Тасевски, додаваат од М-НАВ, за кои се сомневаме дека се ставови и на членовите на синдикатот за потенцијална опасност, претставуваат не само неосновано ширење паника прво кај колегите контролори на летање дека системот со кој работат може во секој момент да откаже, а тие да бидат инволвирани во некакво си негово замислено сценарио на „Кочани 2“.
-Шири страв и паника кај јавноста во Македонија и во странство. Неговите лични ставови го нарушуваат и угледот на Друштвото кое секојдневно вложува максимален напор за безбеден авио сообраќај и опслужува голем број на летови.
Неточно е дека МНАВ става регулации заради недостаток на контролори. Контролори има доволно за да работат на постоечките работни позиции, исто така неточно е дека ќе можеме да отвориме нови работни позиции за опслужување на сообраќајот со имплементација на новиот систем, бидејќи менаџерите од претходната власт ја откажале градбата на нова зграда иако била дел од договорот за набавка на нов систем. Во неа биле планирани нови (повеќе на број работни позиции). Новиот систем кога ќе биде пуштен во употреба, ќе биде на старите работни позиции. Тие се 4 на број (3+1 резервна) и не може да се вработат уште десетици контролори на летање, бидејќи нема каде да работат. Реално никогаш до сега немало побарување Република Северна Македонија да ја прелетуваат 140 авиони на час. Споредбите на македонскиот воздушен простор и воздушниот простор на Албанија и Бугарија, се бесмислени. Тие се територијално поголеми пред се и имаат поголем воздушен простор над копно и над море. Во македонскиот воздушен простор ни со новата опрема таква каква што ја набавила претходната менаџерска структура од претходната власт, не може да се примат прелети во бројки кои ги споменува Тасевски, а да не зборуваме дека за тоа нема ниту толкави побарувања од компаниите, а нивните барање доаѓаат до М-НАВ преку Еurocontrol, додаваат меѓу другото од М-НАВ во своето соопштение.
Претседателот на Синдикатот на контролори во емисијата „24 анализа“, меѓу другото, истакна дека Владата дозволува менаџментот на М-НАВ да ги прави истите грешки како и претходниците. Тасевски вели дека има голем број проблеми во контролата на летање и стравува дека доколку не се корегираат, може да се случи „следно Кочани 2“.
-Жално е, не сакам да го споменувам Кочани, голема трагедија е, многу лоши последици, луѓето почувствуваа на своја кожа. Кај нас се случуваат лоши работи и со таа застарена опрема и со селектирањето на квалитетот во контролата на летање…Работата е отежнета и не се работи како што треба. Треба да пружиме многу квалитетна услуга, а ни се кратат сите шанси и можности за да го сработиме како што треба затоа што некој не сака да постави вистински луѓе и да ни даде одврзани раце. Сите гледаат нечиј личен интерес…Граѓаните нека се запрашаат во 1999 година каков компјутер или мобилен телефон имале дома и нека се запрашаат какви имаат сега. Ние работиме со истата опрема од 1999. Само за споредба, нашите соседи Србија и Албанија сменија по 3-4 системи во меѓувреме, додаде Тасевски.
Сериозно предупредување од Тасевски: Во М-НАВ се користи опрема од 1999, може да се случи „Кочани 2“