Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија за 2023 година. Контролните активности за вршењето на здравствените услуги во здравствените установи не се соодветно воспоставени или спроведени, поради што не е обезбедено целосно потврдување на фактурите за извршени здравствени услуги.
Непостоењето на единствен интегриран систем за издавање упати, лекарски извештаи и пресметки за извршени здравствени услуги, кои се основа за изготвување на месечни фактури/извештаи создава ризик од пропусти и грешки. Новите вградени системски контроли во ИТ системот на Фондот за фактурираните рецепти од аптеките и постојниот мануелен начин на контрола на рецептите од аптеките не се целосни и доволно ефикасни, а системот еРецепт сѐ уште не е воспоставен.
Ревизорите утврдија слабости и во функционирањето на ИТ системот на Фондот поради отсуство на ИТ стратегија, недостиг на ИТ кадар, застарена серверска структура и недоволна безбедност на ИТ системот, состојби коишто резултирале со сајбер напад во февруари 2023 година што довело до нарушено функционирање на целиот здравствен систем во државата. По настанатиот сајбер напад реализирани се договори за изнајмување на приватен облак за податочниот центар во Фондот, како и за услуги за системска и мрежна инфраструктура и систем за сајбер безбедност.
Во постапката за упатување за лекување во странство на осигурените лица постојат повеќе слабости и неправилности, односно не е обезбедена соодветна правна заштита на барателите и не е воспоставена контрола и систем на следење на успешноста на лекувањето во странство, за што од страна на Фондот по овој основ се исплатени средства во износ од 311.237 илјади денари, односно околу 5 милиони евра.
За побарувањата за дадени аванси за лекување во странство кои заклучно со 2023 година изнесуваат 300.292 илјади денари (околу 4,8 милиони евра) не се воспоставени соодветни контроли за потврдување на фактурите од странските болници и навремено затворање на дадените аванси, што доведува до континуиран пораст на истите.
Утврдени се и повеќе слабости во прикажаните позиции во Билансот на состојба. Имено, имотно правниот статус на дел од градежните објекти и земјиштето се уште не е регулиран, нецелосно е утврдена вредноста на недвижниот имот и истиот не е целосно евидентиран во деловните книги. Обврските кон добавувачите ненавремено се евидентираат во деловните книги, што доведува до нивно нереално искажување во финансиските извештаи.
Во делот на Нагласување на прашања за неизвесност ревизорите обелоденуваат повеќе состојби и тоа:
-отсуствуваат целосни информации за побарувањата по основ на неплатен придонес за здравствено осигурување, а наплатата на овие побарувања кои
настанале заклучно со 2008 година е неизвесна;
– постои неизвесност за крајниот исход на судските постапки во кои Фондот се јавува како тужена страна во земјата во износ од 317.924 илјади денари и во странство во износ од 25.627 илјади денари, како и тужител со вкупна вредност од 67.996 илјади денари;
-референтните цени за здравствени услуги кои паѓаат на товар на Фондот не се ажурирани и не ги одразуваат реалните трошоци;