Членот на ИО на СДСМ и екс-амбасадор, Андреј Жерновски најави тужба против министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски за, како што вели, клеветите за неговата работа како амбасадор во Романија. Жерновски смета дека има основа за правна одговорност за, како што објави, повреда на неговата чест, углед и личен и професионален интегритет.
-Тој јавно изнесе клевети дека во Романија сум направил “дисциплинско прекршување на правилата на дипломатското работење коишто се навистина ноторни”. Неговата партија отиде чекор понатаму, па си дозволи на подмолен и крајно вулгарен начин да соопшти дека “Жерновски не’ избламира пред членка на ЕУ”, објави Жерновски на социјалните мрежи по дописот од романското МНР, со кое, како што вели екс-амбасадорот, се потврдува дека одлуката да биде отповикан од должноста амбасадор во Романија не е донесена, наводно, поради некакви незадоволителни резултати и работи со кои им се причинува штета на интересите на државата, како што постојано „наведуват Муцунски и неговата партија, туку е донесена исклучиво поради партиско-политички причини“.
Жерновски му порача на Муцунски дека „има рок од 3 дена јавно да се извини за сите изнесени лаги и клевети“.
-По истекување на овој рок, со него ќе се гледаме на суд, истакна, меѓу другото, сегашниот член на СДСМ.