Малку поинаква илинденска честитка од ДОМ: Каде сме денес?

Непотизмот и корупцијата станаа норми, а политиката арена без совест. Маѓепсан круг создаден од големите партии, кои прераснаа во сојузници во девастирањето на надежта за подобра иднина. Остана истата затворена врата на државата пред граѓаните.

од Vladimir Zorba
26 прегледи

„Денес е Илинден, свет ден на нашата држава. Ден на будење против неконтролираната и насилна моќ, симбол на борбата за слобода, за правда, за еднаквост. Ден кога се роди визија за Крушевската Република – за солидарност и заедничко одлучување. Но каде сме денес?“ се вели во соопштението на ДОМ по повод празникот.

„Модуларни болници што стануваат гробници, пожари што ги разголуваат нашите шуми, поплави, урбан хаос и дивоградби. Сиромаштија и економско тонење. Во овој налет на пустош, државата молчи, а граѓаните плаќаат со животот и со својата иднина.

Непотизмот и корупцијата станаа норми, а политиката арена без совест. Маѓепсан круг создаден од големите партии, кои прераснаа во сојузници во девастирањето на надежта за подобра иднина. Остана истата затворена врата на државата пред граѓаните.

И затоа велиме: времето на молк заврши. Време е за демократија што ќе значи активно учество во локалната и централната власт, време е за нова политичка култура, создадена од граѓаните за нив, а не за политичарите.

Борбата на Коалицијата за зелена иднина е против молкот на институциите, против политиката без идеал. Веруваме во иднина каде грижата за човекот и природата се обврска, а борбата е за вистинска одговорност.

Втори август, денот кога се одбележува надежта што не згаснува – Честит Илинден!…Малку поинаква илинденска честитка – бидејќи тоа е реалноста која мора да ја промениме!“, додаваат оттаму.