Никола Костески: Тренирам со Марко Митев, едвај чекам да заиграм со брат ми во Алкалоид

од desk2
18 прегледи Фотографија: rkalkaloid.com

Никола Костески минатото лето се врати назад во мак-ракометот, имаше серија одлични настапи во дресот на Алкалоид, но потоа поради повреда мина подолг период надвор од терените, извести „Екипа“.

Десното крило работи напорно за максимално подготвен да го дочека стартот на новата сезона, во тандем со репрезентативецот Марко Митев.

„Се подготвуваме во фаза со физиотерапевтот Тоше Трајковски, тој го води рехабилитацискиот процес за враќање на мускулот. Се чувствувам добро, се надевам дека ќе биде се како што треба. Тренираме заедно со Марко Митев за да ја вратиме формата, под специјална програма и со велосипеди“, вели Никола Костески.

Искусниот ракометар потенцира дека Алкалоид ќе оди на највисок пласман во домашните натпреварувања, а тимот на Лазаров нема однапред да се предаде ниту во европските купови, иако немаше среќа во ждрепката и налета на бундеслигашот Хановер.

„За нашата екипа може да кажам дека сме добро склопени, со засилен ростер и имаме поставени цели кои се високи. Моментална пречка во Европа ни е Хановер, тоа ќе бидат наши две први официјални средби. Сигурно дека го добивме можеби најтешкиот ривал, но ќе се надигруваме. Нема да потклекнеме пред ривалот, иако Хановер е бундеслигаш кој беше прво место во поголемиот дел од сезоната. На домашната сцена, ако согледаме одблизу македонската лига е на највисоко ниво, оваа година сме четири до пет квалитетни екипи во битка за горниот дел на табелата. Нашите цели секако се највисоки и во лигата и во Купот, така што ќе играме против секого“.

Трансферот на неговиот брат Ненад од Пелистер во Алкалоид ќе значи и можност овие двајца ракометари, двајцата на позиција десно крило, да играат еден крај друг и на клупско ниво.

„Прекрасно е да се игра заедно и сум пресреќен, како постар сум тука да го советувам за се што треба, со цел да имаме подобар квалитет и да стигнеме до целта и да се креваме како играчи и тим. Бевме со него заедно во репрезентацијата во еден момент, а сега првпат сме заедно во клуб. Имаме ова година квалитетен ростер на играчи, а пред нас е тешка и долга сезона“, истакнува Никола Костески.