Беџети го демантира Меџити: „Уапсениот во Куманово нема никаква врска со шовинистичките скандирања“

од Nikola Popovski
24 прегледи

Координаторот на пратеничката група на Европскиот фронт, Блерим Беџети го демантира вицепремиерот Изет Меџити дека се уапсени навивачите кои упатија националистички скандирања на натпреварот меѓу Македонија и Романија.

-Уапсениот нема никаква врска со шовинистичките повици за време на натпреварот во Куманово како што тврди Меџити. Според официјалните информации од самото Министерство за внатрешни работи, тој е приведен поради обид за поставување транспарент со навредлива содржина. Меџити до кога ќе продолжуваш да го потценуваш јавното мислење со ниски манипулации и намерни лаги, праша Беџети.

Според пратеникот, „позитивниот развој“ кој Меџити го претстави како апсење за „шовинистички повици“ во Куманово, се покажа како „обична лага создадена за внатрешна потрошувачка и за прикривање на неговите политички неуспеси“.

-Манипулацијата не е стратегија, туку очај, потенцира Беџети.

Меџити ја поздрави реакцијата на полицијата, при што објави на социјалните мрежи дека е уапсен еден од одговорните за навредливите скандирања. Сепак од МВР се уште не излегоа со таква официјална информација – само соопштија дека веќе се повикани неколку осомничени лица со кои што е извршен службен разговор.

Меџити: Уапсен еден од одговорните за антиалбанските скандирања во Куманово