Скопје нема да стане метропола со доградба на заборавените скелети. Ќе остане завиткан во лепливата прашина, кич и урбана смрдеа ако и понатаму го водат луѓе без визија, без слух и без срам.
Не е ова споменик за Мајка Тереза. Ова е споменик за нечија неспособност. За нечија лична кампања.
Ако веќе решивте да доградувате, обновете ги и бродовите – нека биде карикатурата комплетна, порача актерката и активистка Софија Куновска вечерва.
Таа реагираше на најавите дека ќе се довршува споменикот на Мајка Тереза на централниот градски плоштад.
„После години молк и занемарување, институциите одеднаш се сетија да го довршуваат споменикот на Мајка Тереза на Плоштад Македонија. Зошто? Затоа што, како што велат, „веќе биле потрошени пари“. Тоа е сè што имаат да кажат – не културна визија, не вредносна позиција, туку проста бирократска сметка“, вели таа.
Куновска предупредува дека тоа што се прави не е ни обид за замена на културна политики и напорите на власта и на општеството треба да бидат за креирање вистинска културна средина.
„Ова не е културна политика. Ова е евтин популизам. Празна глума на грижа, зад која се крие хроничен недостаток на идеи, интегритет и вистинска посветеност на културата.
Културата не е споменик. Културата не е бетон, бронза и малтер.
Културата не е трошок, културата е инвестиција.
Во ум, во талент, во визија, во идеи со кои ќе се натпреваруваме со светот. Во нешто што ќе не препорачува за најдобри на светот“, порачува таа.