СДСМ: Народот на леб и сол и чека мерки, а владините функционери се гоштеваат со папаја и манго

од Nikola Popovski
91 прегледи

Државниот завод за статистика објави алармантни бројки – инфлацијата на годишно ниво изнесува 4,8%. Овие катастрофални бројки не се на „четврта економија“ туку на економија во слободен пад. Резултат на тотално промашените економски политики на Владата на Христијан Мицкоски, велат од СДСМ денеска преку соопштение.

Од партијата забележуваат дека речиси сè е поскапено, а најмногу храната и основните производи.

-И додека народот едвај врзува крај со крај и секојдневно се бори со високите цени, премиерот Мицкоски уште „анализира“. Власта тврдоглаво ги одбива конкретните предлози на СДСМ за намалување на цените и зголемување на платите. Не може народот да биде на леб и сол и да чека мерки, додека владините функционери се луксузираат и се гоштеваат со папаја и манго, истакна Ема Нешковска, заменик-претседателка на Форумот на жени при СДСМ.

Според неа, не требаат „анализи“ и промашени мерки со „кошнички“.

-Владата има готови предлози од СДСМ – нека ги реализира: укинување на ДДВ за храна, зголемување на минималната плата и покачување на платите во другите сектори, потенцира Нешковска.