ОЈО: Не издадовме наредба за приведување или итен распит во случајот со директорката на училиштето во Демир Хисар

од Nikola Popovski
41 прегледи

Доцна синоќа полицијата дошла во домот на директорката на СОУ „Крсте Петков Мисирков“ во Демир Хисар, Маја Лозановска, за да изврши претрес поради сомневање за сторено кривично дело. Настанот, за кој има видеоснимка, според опозицискиот СДСМ, претставува политички притисок. За време на претресот, на лице место присуствувала и екипа на Брза помош, која констатирала дека Лозановска е на боледување и има покачен крвен притисок. И покрај тоа, началникот на полицијата во Демир Хисар инсистирал таа синоќа, на носилки, да биде пренесена во полициската станица за информативен разговор.

Целата акција била спроведена поради сомневање за кривично дело фалсификување и уништување деловни книги.

-Министерството за внатрешни работи – ОВР Демир Хисар, по наредба на Основното јавно обвинителство Битола, изврши претрес на три локации – службените простории на едно училиште, како и домот и автомобилот на пријавено лице, поради сомневање за кривично дело Фалсификување и уништување деловни книги, стои во официјалното соопштение.

Од ОЈО Битола потврдуваат дека барањето за претрес било прифатено од Основниот суд во Битола, кој издал наредба со цел обезбедување докази поврзани со случајот. Претресите биле спроведени вчера, но засега до обвинителството не е доставено официјално писмено известување за евентуално пронајдени и одземени предмети.

Обвинителството нагласува дека во постапката целосно е испочитувана законската процедура за издавање наредба за претрес и дека спроведувањето на наредбата е исклучиво во надлежност на полицијата. Во конкретниот случај, не е издадена наредба за приведување или итен распит на лице.