Советот за албанско-американски односи ги повика политичките лидери на сите заедници во Македонија да дејствуваат решително за да ги осудат и спречат изразите на омраза, како оние што се гледаат на спортските настани во последните недели, пред тие дополнително да ја дестабилизираат земјата.
„На кошаркарскиот натпревар меѓу Македонија и Романија во Куманово, навивачите извикуваа ужасни слогани со кои се повикуваше на смрт на Албанци и нивно истребување во гасни комори. Како одговор, некои албански навивачи на фудбалскиот натпревар во Тетово држеа транспаренти со кои се повикуваше на отцепување“, се вели во соопштението споделено на Фејсбук од Мартин Вулај, директор на Советот за албанско-американски односи.
Советот нагласува дека она што го сметаат за „опасна спирала“ мора веднаш да се запре.
„Антиалбанското скандирање дополнително го зајакна долгогодишниот впечаток кај Албанците дека се третирани како граѓани од втор ред и странци во сопствената земја. Од друга страна, сепаратистичките пораки предизвикаа страв меѓу Македонците во врска со намерите на Албанците и единството на државата“, се вели во соопштението.
Потсетуваат дека од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор во 2001 година, Македонија постигна значителен напредок во етничката интеграција и коегзистенцијата.
„Иако предизвиците сè уште постојат, Албанците се префрлија од маргините на активно учество во политичките, економските и академските институции. Овој напредок не смее да се поништи. Иако осудата на говорот на омраза од страна на владата дојде доцна, таа беше цврста. Сега албанските лидери мора недвосмислено да ја осудат секоја реторика што го поткопува територијалниот интегритет на земјата“, истакнува Советот.
Како што наведуваат, само преку единство, почит и лидерство Македонија може да остане на патот на траен мир и европска интеграција.
На кошаркарскиот натпревар меѓу Македонија и Романија, одигран на 2 август во Куманово, од трибините се слушнаа антиалбански скандирања, како „Добар Шиптар е мртов Шиптар“ и „Гасна комора за Албанците“, што доведе до покренување истрага од страна на Обвинителството.
Неколку дена подоцна, за време на натпреварот Шкендија-Карабах во Скопјe, се слушаа скандирања за „Голема Албанија“ и Илирида.