Речиси две години по почетокот на војната во Газа, израелскиот кабинет за безбедност го одобри предлогот на премиерот Бенјамин Нетанјаху за нова воена ескалација – за почеток заземање на градот Газа. Планот, инициран од самиот Нетанјаху, наиде на силно противење од военото раководство, предупредувања за влошување на хуманитарната криза и опасност за 50-те преостанати заложници, како и намалување на меѓународната и домашната поддршка за продолжување на војната, пишува „CNN“ во својата анализа.
И покрај ова, Нетанјаху ја протурка одлуката, што аналитичарите ја толкуваат првенствено како обид за купување време за политички опстанок. Неговите крајно десничарски коалициски партнери, Итамар Бен Гвир и Безалел Смотрих, постојано се закануваа дека ќе ја соборат владата ако војната заврши, оставајќи го Нетанјаху врзан за продолжување на конфликтот.
Самиот план е компромис – за разлика од барањата на Бен Гвир и Смотрих за целосна окупација и реконструкција на еврејските населби во Газа, Нетанјаху предвидува акција во фази, досега ограничена на градот Газа. Операцијата треба да започне за два месеци, што остава простор за евентуално оживување на преговорите за прекин на огнот и размена на заложници, пишува „CNN“ во анализата.
Дури и таа умерена верзија не ја задоволи тврдокорната десница. „Оваа одлука не е ниту морална, ниту етичка, ниту ционистичка“, изјави извор близок до Смотрич. Од друга страна, началникот на Генералштабот Ејал Замир, на маратонска, десетчасовна седница, го изрази цврстото противење на армијата, предупредувајќи дека нова офанзива ќе ги загрози заложниците и војниците, дополнително ќе ги исцрпи силите на Израелските одбранбени сили (ИДФ) и ќе ја продлабочи хуманитарната катастрофа.
Да потсетиме дека кабинетот на Нетанјаху објави соопштение во кое беа презентирани деталите за одобрените планови за преземање на градот Газа, како и „пет принципи за завршување на војната“, кои, како што е наведено, кабинетот ги усвои со мнозинство гласови.
„Израелските одбранбени сили ќе се подготват да ја преземат контролата врз градот Газа, а воедно ќе обезбедат хуманитарна помош за цивилното население надвор од борбените зони“, се вели во соопштението, во кое потоа се детално наведени следните принципи за „завршување на војната“ како: разоружување на Хамас, враќање на сите заложници – живи или мртви, демилитаризација на Појасот Газа, израелска безбедносна контрола врз Појасот Газа и воспоставување алтернативна цивилна влада која не е Хамас, ниту палестинска управа.
Анкетите покажуваат дека повеќето Израелци поддржуваат прекин на огнот што би ги ослободил заложниците и би ја завршил војната. Нетанјаху, сепак, донесува одлуки спротивни на воените совети и волјата на граѓаните, воден, според критичарите, од сопствениот политички интерес.
Одлуката предизвика нови дипломатски превирања. Германија, вториот најважен стратешки партнер на Израел по САД, објави дека суспендира дел од својот воен извоз во Израел, а се очекува дека и другите членки на ЕУ би можеле дополнително да ја ограничат соработката.
Нетанјаху така се најде помеѓу два огна: сојузниците во странство и војската се противат на продолжувањето на војната, јавноста бара ми – додека радикалните партнери сакаат уште пожестока ескалација. Единствениот што директно има корист од сегашната стратегија е самиот премиер – тој добива време да го избегне изборот помеѓу вистинско примирје што би можело да ги спаси заложниците и целосна воена окупација што би ја задоволила неговата коалиција.