Претседателот Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин треба да се сретнат на состанок во Алјаска следниот петок за да разговараат за војната во Украина. Според извештаите, Трамп „разгледува“ ја можноста да го покани украинскиот претседател Володимир Зеленски на таа средба, со цел да им се придружи нему и на Путин на иста преговарачка маса, пишува „Independent“.
Според „NBC News“, поканата на украинскиот лидер сè уште е во фаза на разгледување, а три лица запознаени со внатрешните договори околу состанокот се информирани за оваа тема.
Висок американски функционер им изјави на медиумите дека доаѓањето на Зеленски е „апсолутно можно“, иако засега ништо не е конечно договорено. „Сите искрено се надеваат дека тоа ќе се оствари“, додал истиот извор.
На прашањето дали веќе му е упатена официјална покана на Зеленски, висок функционер на Белата куќа за „NBC“ изјавил: „Претседателот останува отворен за трилатерален самит со двајцата лидери. Во моментов, Белата куќа се фокусира на планирање на билатералната средба што ја побара претседателот Путин“.
Зеленски реагираше доста резервирано на најавата за самитот Трамп-Путин, нагласувајќи дека секој обид за преговори за крај на најголемиот европски конфликт од Втората светска војна мора да го вклучи Киев.
„Сите одлуки донесени без Украина се во исто време одлуки против мирот. Тие нема да донесат ништо. Тие се мртви одлуки. Тие никогаш нема да успеат“, рече Зеленски.
Се очекува Путин да го искористи самитот за да ги презентира условите на Русија за договор за прекин на огнот. Зборувајќи со новинарите во Белата куќа во петокот, Трамп призна дека секој мировен договор може да вклучува „одредена размена на територија“.
„Долгоочекуваната средба меѓу мене, како претседател на Соединетите Американски Држави, и претседателот на Русија, Владимир Путин, ќе се одржи следниот петок, 15 август 2025 година, во Големата држава Алјаска“, објави Трамп во петокот на социјалната мрежа „Truth Social“.
И покрај тоа што Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на Путин, состанокот закажан за 15 август би бил прв пат по десет години руски претседател да стапне на американска почва. Последниот пат кога Трамп и Путин се сретнаа беше во Хелсинки, Финска, во јули 2018 година, за време на првиот претседателски мандат на Трамп. По тој состанок, Трамп јавно ги доведе во прашање заклучоците на американските разузнавачки агенции и остави впечаток дека верува во негирањето на Путин за руското мешање во изборите во САД.
Овие изјави предизвикаа силен двопартиско негодување во Вашингтон, а многумина го обвинија дека „застанува на страната на непријателот“.
Преговорите за мировните иницијативи досега напредуваа бавно и честопати беа во тензична атмосфера.
Претхдна оваа година, за време на состанокот во Овалната соба, Трамп и потпретседателот Џ.Д. Венс одеднаш го соочија Зеленски со критики. Венс го обвини дека не е доволно благодарен за американската воена и финансиска помош, нарекувајќи го неговиот став „непочитувачки“.
Трамп, покрај тоа, јавно го обвини Зеленски, а не Путин, за избувнувањето на војната.