Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице коe е осомничено дека сторило кривично дело – Убиство, потоа Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи, како и за Тешки дела против општата сигурност, соопшти Јавното обвинителство.
За истите дела со него како соизвршител е осомничено и едно дете, за кое е поведена постапка согласно Законот за правда за децата. Детето пукало од автоматска пушка на почетокот на инцидентот, заедно со првоосомничениот.
Наредба за спроведување истражна постапка е донесена и против две лица кои се осомничени како соизвршители.
На 10 август, на улицата „Благоја Тоска“ во Тетово, првиот осомничен и детето родено во 2010 година, со умисла, како соизвршители и со употреба на автоматски пушки, лишиле од живот едно лице, а го довеле во опасност и животот и телото на други лица, вклучувајќи и еден од останатите осомничени.
Со автоматските пушки тие испукале повеќе куршуми кон автомобил ’Голф’ со кои го погодиле сега покојниот, кој бил на возачкото седиште. Два проектили завршиле во градниот кош на совозачот кој здобил тешки телесни повреди со конкретна опасност по животот. Еден проектил завршил во десната натколеница на дете родено 2012 година кое се затекнало во непосредна близина, по што осомничениот заедно со детето во судир со законот се оддалечиле од лице-место, соопшти Јавното обвинителство.
Иако бил ранет од престрелката, вториот осомничен и уште едно лице извадиле огнено оружје – пиштоли и почнале истовремено да пукаат кон возилото кое се оддалечувало и притоа погодиле друго лице кое се здобило со тешки телесни повреди во торакалниот дел, а куршуми завршиле и во возило на жена чија сигурност исто така била загрозена.
За сите осомничени, вклучувајќи го и детето во судир со законот, јавниот обвинител предложи определување мерка притвор.