Манчестер Јунајтед има играчи кои можат да го победат секој противник во англиското првенство, изјави менаџерот на тимот Рубен Аморим по поразот од 0-1 против Арсенал во натпревар од првото коло. Тој додаде дека во новата сезона „Црвените ѓаволи“ ќе бидат поагресивни и ќе ги воодушевуваат своите навивачи почесто.
„Имаме играчи кои можат да победат во секој натпревар во Премиер лигата. Во новата сезона започнавме со поагресивна игра, со висок пресинг и со подобра игра на топката“, рече менаџерот на Јунајтед, цитиран од Ројтерс.
Новите засилувања Матеус Куња и Брајан Мбемо донесоа повеќе брзина и креативност во играта на Манчестер Јунајтед, при што првиот имаше и три прецизни удари кон голот против Арсенал. Според многумина, тој беше и најдобриот играч на теренот, без оглед на тимот.
„Денес (недела – н.з.) многу работи не ни одеа. Бевме агресивни и храбри. Во некои моменти се истакнаа Брајан и Куња, кои многу ни помогнаа. Сите играчи ја следеа стратегијата за натпреварот, иако на моменти луѓето на трибините стануваа нетрпеливи. Сепак, играчите останаа смирени и тоа ме прави среќен“, продолжи Аморим.
„Луѓето сакаат повторно да имаат победнички ноќи на својот стадион. Не сакаат да им биде здодевно на „Олд Трафорд“. Дефинитивно треба почесто да победуваме како домаќини, треба да ги правиме среќни“, додаде Португалецот.
Јунајтед изгледаше солидно во одбраната, но контроверзна ситуација ги обезбеди трите бода за Арсенал. Голманот Алтај Бајандир беше притиснат од Вилијам Салиба при центрирање и ја допре топката само со едната рака, испраќајќи ја директно во телото на Рикардо Калафиори. Италијанецот постигна еден од најлесните голови во својата кариера и со тоа ги обликуваше конечните 1:0 за вицепрваците.
„Играчите очигледно смеат да играат пофизички кога изведуваат корнери и ние мора да одговориме на тоа. Сепак, денес нашиот голман беше под притисок и беше принуден да турка луѓе наместо да игра со топката. Штом правилата го дозволуваат тоа, и ние мора да почнеме да го правиме тоа“, заклучи Аморим.
Бајандир го започна натпреварот на местото на вообичаениот стартер Андре Онана, кој има само три тренинзи откако се опорави од повреда.