Русија синоќа погоди објект во украинскиот систем за пренос на гас, објави украинското Министерство за енергетика, цитирано од украинските медиуми.
„Ноќта на 21 август, еден од објектите на системот за пренос на гас беше погоден во руски воздушен напад. Проценката на штетата е во тек“, се вели во соопштението на украинското министерство.
Била погодена компресорска станица за гас во регионот Полтава, извести украинската државна новинска агенција Укринформ.
Украинските сили, пак, соопштија дека во текот на ноќта нападнале руска рафинерија за нафта и други објекти што ги користи руската војска.
Според Генералштабот на украинските вооружени сили, украински дронови ја нападнале рафинеријата за нафта Новошахтинск во рускиот Ростовски регион во текот на ноќта.
Според украинскиот генералштаб, рафинеријата Новошахтинск е еден од најголемите добавувачи на нафтени производи во јужна Русија. Таа, исто така, игра улога во поддршката на руските вооружени сили. Вкупниот капацитет на резервоарите на рафинеријата надминува 210.000 кубни метри.