Сиљановска-Давкова: Струга е поетска република што гради мостови и го менува светот

Во своето обраќање, таа ја нагласи историската важност на фестивалот и потсети на 1961 година, кога група македонски поети се собрале за да ја одбележат 100-годишнината од објавувањето на Зборникот на браќата Миладиновци, втемелувачите на „Струшките вечери на поезијата", коишто од Струга направија културна, поетска република.

од Vladimir Zorba
18 прегледи

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вчеравечер го прогласи за отворено 64. издание на Струшките вечери на поезијата и во рамки на свеченото отворање на фестивалот го проследи Меѓународното поетско читање – „Поетски меридијани”.

Во своето обраќање, таа ја нагласи историската важност на фестивалот и потсети на 1961 година, кога група македонски поети се собрале за да ја одбележат 100-годишнината од објавувањето на Зборникот на браќата Миладиновци, втемелувачите на „Струшките вечери на поезијата”, коишто од Струга направија културна, поетска република.

Сиљановска-Давкова оцени дека најважните белези на струшкиот поетски републиканизам се: универзалноста, отвореноста, инклузивноста, рамноправноста, талентираноста, компетитивноста, слободољубивоста. Таа укажа дека Струга како поетска република ги обединува поетите од различни континенти, држави и култури, без разлика на политичките, или идеолошките поделби.

Претседателката постави важни прашања за релевантноста на поезијата во современиот свет, во време на дигитална зависност, сензационализам и забрзана технологија. Предупредувајќи на предизвиците што ги носи вештачката интелигенција нагласи дека неможното за вештачката интелигенција е можно за поетите, коишто се единствените господари на чувствата и волшебници на зборот.

Потсетувајќи на судбината на АБЕЦЕДАРОТ, забранетите книги, како и на делата на браќата Миладиновци, Сиљановска-Давкова констатираше дека живиот збор е делотворно оружје што може да ја разбуди совеста, да поттикне активност и да ја промени реалноста.

„Ова е вашата поетска република. Од тука, од Струга, вие сте го менувале и сѐ уште можете да го менувате светот, градејќи вечни поетски мостови од неуништливи материјали: мислата и зборот, проткаени со ум и чувства”, им порача на поетите.

Сиљановска-Давкова го поздрави враќањето на најважните белези на фестивалот: читањата кај споменикот на Свети Климент во Охрид, поетското пловење до Свети Наум и поетското матине во „Св. Богородица Перивлепта”.

Слични содржини