Забавувањето на економскиот раст во Германија во вториот квартал од оваа година беше поголемо од првично проценетото поради тешкотиите на индустријата околу американските царини, покажаа конечните податоци објавени денес.
Во кварталот од април до јуни, германскиот бруто домашен производ, со сезонски прилагодени податоци, се намали за 0,3 проценти, според статистичкиот институт Дестатис.
Првата проценка укажуваше на пад на БДП од 0,1 процент, објави агенцијата Бета.
Ова е разочарувачки, бидејќи по неколку квартали забавување, се случи мало подобрување во првиот квартал од оваа година, кога германската економија забележа раст од 0,3 проценти.
Германија ги заврши претходните две години во рецесија, па затоа лошите бројки го зголемуваат притисокот врз владата на канцеларот Фридрих Мерц конечно да ја startuva економијата, објавува ДПА.
Статистичарите, исто така, ги ревидираа податоците надолу од неочекувано добриот прв квартал, од 0,4 на 0,3 проценти.
Растот во првите три месеци од 2025 година не беше очекуван, а економистите го припишуваат на брзите подготовки на економијата за американските царини.
Дестатис објави и прелиминарни податоци за јавните финансии – расходите на федералната влада, државите и општините во првата половина од годината беа повисоки од приходите, но дефицитот беше релативно скромен, со 1,3 проценти.
Претходниот ден, Бундесбанк објави месечен извештај во кој проценува дека Германија тесно ќе избегне трета година по ред рецесија оваа година.