Цените на нафтата денеска беа во благ минус на меѓународните пазари, но се на пат кон седмичен раст, бидејќи спласнаа надежите на учесниците на пазарот за брзо постигање мировен договор меѓу Русија и Украина.
На лондонскиот пазар барел сурова нафта попладнево чинеше 67,54 долари и беше за 0,2 отсто поевтин во однос на затворањето на тргувањето претходниот ден. На американскиот пазар, барелот беше во сличен минус, па тој се тргуваше по цена од 63,42 долари.
Оваа седмица, референтните цени на суровата нафта на лондонскиот пазар се зголемија за речиси 2,5 отсто, што се припишува на неизвесноста поради застојот на мировните преговори меѓу Русија и Украина и индикациите за силна побарувачка за нафта во Соединетите држави, за што сведочат официјалните седмични извештаи за пад на залихите на суровата нафта во најголемата светска економија.
На американскиот пазар, барелот се очекува да порасне за околу еден отсто на седмично ниво.
Политичките фактори влијаат на цените
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини Москва во четвртокот дека избегнува средба на претседателот на Украина со неговиот руски колега Владимир Путин, и покрај обидите предводени од САД да се организира самит за ставање крај на војната во Украина.
Учесниците на пазарот денеска ги преокупираше најновиот извештај на германскиот завод за статистика Дестатис, кој покажа дека германската економија паднала за 0,3 отсто во вториот квартал во однос на првите три месеци, што е за 0,2 процентни поени посилно од првичните проценки во извештајот од крајот на јули. Ваквите податоци предизвикаа загриженост за побарувачката на нафта во најголемата европска економија.
Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) одделно соопшти дека барел од нафтената кошничка на нејзините членови во четвртокот чинел 70,01 долар и бил речиси еден долар поскап отколку претходниот ден.