Левица: ДПМНЕ преку Еразмус+ дели пари на универзитетот на Рамиз Мерко наместо да го затвори

Од партијата обвинуваат дека новопоставената в.д. директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Ана Михајлов, пред само една недела одобрила грант од Еразмус+ програмата на контроверзниот Универзитет во Струга од Рамиз Мерко.

од desk2
17 прегледи

Повторно се открива соработката помеѓу двете долгогодишни коалициони партнери, ДПМНЕ и ДУИ, овој пат преку директна соработка со градоначалникот на црна листа, Рамиз Мерко, обвини „Левица“.

„Додека премиерот Мицкоски секојдневно го обвинува ДУИ за криминал и корупција, неговите директори делат европски пари на спорниот универзитет во Струга, кој е директно во сопственост на фунционерот на ДУИ и градоначалник на Струга“, се вели во соопштението.

Од партијата обвинуваат дека новопоставената в.д. директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Ана Михајлов, пред само една недела одобрила грант од Еразмус+ програмата на контроверзниот Универзитет во Струга од Рамиз Мерко.

„Ова е скандал од невиден размери, каде европски пари се делат на универзитет, за кој и министерката Весна Јаневска во официјални изјави потврди дека се утврдени бројни неправилности во неговото работење. Скриената коалиција помеѓу ДПМНЕ и ДУИ, која совршено функционира во општините каде ДПМНЕ е власт, се докажува повторно. За Универзитетот на Рамиз Мерко има бројни скандали и истиот е познат дека единствено служи за принтање дипломи на функционерите на ДУИ, без да исполнува никакви критериуми за неговата спорна акредитација“, реагира партијата.

Левица јавно ја прашува министерката Весна Јаневска, зошто наместо да се затвори универзитет на ДУИ поради констатираните неправилности, Владата на ДПМНЕ дели грантови од европски пари.