Бројката на загинати жители во ноќешните руски напади на главниот град на Украина се искачи на 18, од кои 4 деца. Едно од децата имало само 2 години, соопшти Државната служба за вонредни ситуации.
Русија ноќеска изврши еден од најжестоките напади на Украина од почетокот на војната.
Според податоците на Военото воздухопловство на Украина, биле истрелани вкупно 629 проектили и дронови. Вкупно 598 дронови и 31 ракета имаа за цел 13 локации низ земјата.
Украинската војска вели дека се соборени 563 дронови и 26 ракети, чии парчиња паднале на 26 различни места.
Русија соопшти дека во големиот ноќен напад на Украина се гаѓани воени локации и воздухопловни бази. Сепак, според видеозаписите и фотографиите и сведоштвата, погодени биле поголем број станбени згради и цивилни објекти.
Нападната и фабриката за дронови „Бајрактар“
Руските сили ноќеска ја нападнале и фабриката за дронови „Бајрактар“ во Киев. Биле нанесени два големи удари, при што се предизвикани значителни штети.
Нападот предизвика бран осуди од германскиот канцелар Фридрих Мерц, министерството за надворешни работи на Велика Британија.
Украинскиот претседател остро ја критикуваше Русија за продолжување на нападите, тврдејќи дека „Русија избира ракети наместо преговарачка маса“ и дека „продолжува да убива наместо да ја прекинува војната“.
Тој, исто така, рече дека Русија не покажува страв од последиците од своите постапки, додека дел од меѓународната заедница, како што изјави, „ги затвора очите пред воените злосторства и бара изговори за Путин“.
Зеленски повика на остри санкции против Русија, нагласувајќи дека „сите рокови се пробиени и десетици можности за дипломатија се уништени“.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен рече оти е „згрозена“ од ноќниот напад врз Киев, во кој е оштетен и објектот на Делегацијата на ЕУ. Имало експлозии во непосредна близина.
„Нападите покажуваат дека Русија нема да сопре пред ништо за да ја тероризира Украина“, рече Фон дер Лајен, прецизирајќи дека нема повредени во Делегацијата на ЕУ.