Димовски демантира дека Мицкоски бил предмет на интерес на АНБ и бара од Христовски да ги декласифицира документите за наводно прислушување

Екс-директорот на АНБ: Македонската јавност има право да знае кој тоа предлагал, барал, одобрувал и кој ги извршувал наводните прислушкувања

од Nikola Popovski
169 прегледи Фото: Принтскрин

Поранешниот директор на Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски соопшти дека вчера од страна на премиерот Христијан Мицкоски и од актуелниот директор на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски беа изнесени сериозни обвинувања за наводна злоупотреба на државни ресурси за прислушкување на поранешниот лидер на опозицијата (сега премиер), бизнисмени и новинари од страна на АНБ и Агенцијата за разузнавање.

-Со оглед на тоа што во претходен брифинг за медиуми во АНБ бил споменат периодот од 2019 до 2024 година во дел од кој и јас ја извршував должноста директор на АНБ, одговорно тврдам дека тој како лидер на тогашна опозициона партија во периодот од 2019 -2022 година не бил предмет на посебен оперативен интерес на Агенцијата, не бил предмет на организирана оперативна работа, а со тоа ниту таргет кон кого биле применувани било какви оперативно-технички мерки.

Точно е дека во наведениот период согласно законските надлежности во Агенцијата имаше постапка за преиспитување на проверките за безбедносни сертификати, вклучително и за еден тогашен и сегашен пратеник поради оддавање на класифицирана информација, а за што му беше поднесена соодветна кривична пријава до надлежното обвинителство, објави Димовски на социјалните мрежи.

Во врска со тоа, додава екс-директорот, на мое барање на дневен ред на надлежната собраниска Комисија за надзор на работата на АР и АНБ беше ставена точката за информирање за случајот и изнесените наводи во електронските медиуми од негова страна.

Поради ситуацијата, Димовски го повика сегашниот директор Христовски да ги декласифицира документите со цел македонската јавност да дознае кој прислушкувал.

-Со оглед на сериозноста на изнесените наводи на синоќешниот прес и на претходниот брифинг во АНБ го повикувам директорот на Агенцијата веднаш и неодложно да ги декласифицира документите за наводни злоупотреби, а особено тие кои се однесуваат на прислушкување на тогашниот лидер на опозицијата.

Македонската јавност има право да знае кој тоа предлагал, барал, одобрувал и кој ги извршувал наводните прислушкувања!

Очекувам дека овојпат нема да има криење со изговори од типот “класифицирани информации со степен на државна тајна”, посебно после последните неколку објави во некои “информирани медиуми” кои лифериваат конкретни имиња на лица кои наводно биле таргет на Агенцијата, вклучително и податоци за идентитетот на вработени и тајни соработници, стои во објавата на поранешниот прв човек на АНБ.

Отворен е предмет за наводите за незаконски оперативни обработки на јавни личности, од страна на поранешното раководство на Агенцијата за национална безбедност, од 2019-та до 2024-та година. Во интерес на заштита на тајноста на предистражната постапка, од Обвинителството не откриваат детали за преземените чекори, ниту за идентитетот на таргетираните лица.

Актуелниот директор на агенцијата, Христовски, вели топката е сега кај Обвинителството, но факт е дека поранешниот директор заедно со група вработени, во континуитет ја злоупотребувале службената положба.

-Документацијата за случајов е класифицирана како државна тајна, но факт е дека и Агенцијата за национална безбедност, но и Агенцијата за разузнавање, темелно се занимавале со мене, како опозициски лидер, но и со новинари, бизнисмени и други јавни личности, вели премиерот Мицкоски.