„Милка“ чоколадото е 10 грама полесно, потрошувачите неинформирани

Регионалниот суд во Бремен потврди за новинската агенција ДПА дека тужбата е поднесена од здружение за заштита на потрошувачите од Хамбург, кое го обвинува „Монделез“ за нелојална конкуренција и заведување на клиентите.

од Vladimir Zorba
9 прегледи

Германскиот регулатор за заштита на потрошувачите поднесе тужба против американскиот прехранбен гигант „Монделез“, тврдејќи дека го намалил пакувањето на чоколадите „Милка“ од 100 на 90 грама, но не ја променил нивната цена. Регионалниот суд во Бремен потврди за новинската агенција ДПА дека тужбата е поднесена од здружение за заштита на потрошувачите од Хамбург, кое го обвинува „Монделез“ за нелојална конкуренција и заведување на клиентите.

„Бројни потрошувачи со години купуваат „Милка“ во исто пакување и претпоставуваат дека тежината на производот не се променила“, рече Армин Валет од здружението. „Тие се жртви на измама бидејќи многу варијанти сега тежат само 90 грама, а нивната цена е иста или дури и повисока“, рече Валет, објави SEEbiz

Намалувањето е речиси незабележливо – чоколадото е само милиметар потенко, со ист дизајн и пакување. Новата тежина е прикажана на предната страна од пакувањето, но во многу случаи е напишана со ситни букви и скриена од полиците на супермаркетите.

Регулаторот бара појасни етикети и предупредување до потрошувачите дека пакувањето ќе биде намалено најмалку шест месеци пред промената. „Монделез“ ги отфрли тврдењата на здружението, велејќи дека транспарентноста во комуникацијата со потрошувачите е негов врвен приоритет.

„Новата тежина е јасно означена на пакувањето на производот“, изјави портпаролката на компанијата, додавајќи дека „Монделез“ ги информирал клиентите преку социјалните медиуми и дека целосен преглед на големините и тежините на производите е достапен онлајн.

„Компанијата немаше друг избор освен да ја промени тежината поради повисоките трошоци во синџирот на снабдување и повисоките цени на состојките“, додаде портпаролката, истакнувајќи дека цените на какаото речиси се зголемија тројно во изминатата година и достигнаа рекордни нивоа.

„Судот ќе му даде можност на „Монделез“ да одговори на тужбата пред да одлучи дали да закаже рочиште“, изјави портпаролката на судот.