„Во животот на луѓето постојат малку моменти кога само еден ден ја определува насоката на историјата. Убеден сум, и имам многу аргументи, дека 19 октомври ќе биде токму таков ден, ден кога ќе се сврти историската насока,” порача кандидатот за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, на вчерашниот собир со граѓани.
Османи ја нарече актуелната изборна трка „најенергична и најзначајна кампања досега” и порача дека 19 октомври не е само ден за избори во Чаир, туку ден за отпор и надеж.
„Ова е енергија на отпор и надеж. Ме потсетува на 1991 година, кога беше формирано првото општонационално албанско движење, но и на 2001 година, кога Албанците застанаа обединето,” рече Османи, коментирајќи дека и сега целата пропагандна машинерија е насочена против најголемото албанско обединување по 2001 година – Националната Алијанса за Интеграција.
Во своето обраќање, Османи ги критикуваше актуелните политички процеси за „поништување на суверенитетот на Албанците”.
„Ни го земаа суверенитетот, правото самите да одлучуваме. Ни ја земаа тапијата од нашата куќа. Од домаќини не претворија во подстанари во сопствениот дом,” рече тој, додавајќи дека понижувањето на идентитетот и достоинството го разбуди отпорот кај народот: „Кога ќе го згазиш достоинството, тогаш веќе го имаш турнат до ѕид, и тогаш се мобилизираат сите – и стари и млади, и партиски и непартиски.” – порача Османи
Според Османи, се повеќе луѓе кои претходно гласале за ВЛЕН денес отворено ја менуваат својата позиција.
„Секој ден ги среќавам оние тивки гласачи на ВЛЕН, кои денес се длабоко разочарани. Ми велат: ‘Бевме излажани. Ова не беше промената што ја баравме’,” сподели Османи.
Тој посочи и на конкретни бројки кои, според него, го илустрираат институционалното понижување: „Во Управата за јавни приходи 14 спрема 1, во статистика 11 спрема 0, во Централниот регистар 12 спрема 0, во Струга 23 спрема 0, во Дебар 26 спрема 0 – сме претворени во ‘нула народ’. За само една и пол година!”
Османи ја заокружи пораката со недвосмислен повик за масовна мобилизација на 19 октомври:
„Ова не е повеќе изборна кампања, туку општонационално движење. Ова е одлука дали прифаќаме држава изолирана од ЕУ, држава без достоинство, држава во која не одлучуваме ние. 19 октомври ќе покаже дека народот е подготвен повторно да си ја врати тапијата – и на куќата, и на иднината.” – заклучи Османи.