Шукова го повикува Ѓорѓиевски на јавно соочување за Вардариште

Граѓаните имаат право да знаат зошто Вардариште денес изгледа како црна еколошка дупка, кажа кандидатката за градоначалник

од Nikola Popovski
14 прегледи Фото: Принтскрин

Го повикувам Орце Ѓорѓиевски на јавен дуел пред граѓаните. Нека ги донесе сите негови „аргументи“ дека од Вардариште ќе направи парк. Јас ќе ги донесам фактите, законите и резултатите. Граѓаните ќе судат кој има решение, а кој има само празни ветувања и пропаганда, порача Каја Шукова, кандидатката за градоначалничка на Град Скопје за проблемите со депонијата.

Според кандидатката за градоначалничка, Законот е јасен – отпадот е локална надлежност.

-ВМРО ДПМНЕ четири години ја игнорираа својата обврска да го решат овој проблем. Орце Ѓорѓиевски и ВМРО ДПМНЕ или го немаат прочитано законот за управување со отпад, или свесно го игнорира за да ја префрлат вината кога јас бев министер за животна средина. Тоа само зборува колку Ѓоргиевски е неук, а сака да раководи со Скопје.

Граѓаните имаат право да знаат зошто Вардариште денес изгледа како црна еколошка дупка. Наместо претоварна станица, таму имаме отворена депонија и чести пожари. Тоа е директен резултат на НЕработата на градот, односно на неспособноста на ВМРО ДПМНЕ и нивната Данела Арсовска, рече Шукова на прес-конференција.

Екс-министерката нуди неколку предлози за справување со проблемите со депонијата.

-Итно оградување и 24-часовен надзор на Вардариште, со расчистување и забрана за пристап. Потоа следи изградба на затворена, еколошка претоварна станица со систем за селекција, контрола и транспарентност. Вардариште ќе стане функционална, безбедна локација – а не еко-бомба под прозорите на скопјани, истакна Шукова.