Петровска: Целата оваа манипулација е само подготовка за спојување на АНБ и АР со цел директор на новата агенција да биде човек без никакво искуство во безбедносниот и разузнавачкиот сектор

Петровска: Власта намерно прави деловнички грешки со Комисијата за АНБ, се плаши и бега од декласификација

од Nikola Popovski
38 прегледи Фото: СДСМ

Она што се случи вчера е дека добив известување, како членка на Комисијата, дека треба да претседавам со седница закажана за денес. Но утрово, преку писмо од претседателот на Собранието, како и сите пратеници, бев известена дека седницата се одложува. Од она што неофицијално успеав да разберам, станува збор за утната процедура или погрешна примена на Деловникот, и поради тие причини седницата е одложена. Како пратеничка и како членка на Комисијата, не бегам од одговорноста да претседавам тогаш кога, согласно Деловникот, ќе бидам задолжена од претседателот на Собранието. Дали тоа ќе биде денеска во 14, 15, 17 или 22 часот, апсолутно немам никаков проблем, изјави денеска пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска околу надзорот за работата на АНБ и наводите за прислушување на повеќе функционери, бизнисмени, новинари…

Според неа, СДСМ и опозицијата немаат што да кријат, но се сомнева дека власта има што да крие.

-Затоа, по нашето повеќедневно инсистирање за декласификација, можеби ова одложување е резултат на страв од таа декласификација. Она што би било откриено со тие документи најверојатно нема да биде пријатно за претставниците на сегашната власт.

Она што мене ми е познато е дека вчера и претседателот на Комисијата, Скендер Реџепи, не бил информиран дека јас ќе претседавам со Комисијата. Тој ми пренесе забелешки дека известувањето за закажување на седницата не е во согласност со Деловникот и дека до него не е доставена никаква иницијатива или барање за свикување на седницата. По проверка во службите, ми потврдија дека навистина таква иницијатива не била доставена.

Затоа, дали е доставена до претседателот на Собранието – немам информација. Но, од она што неофицијално ми беше кажано, е дека и таму не е доставена. Повторувам: јас сум подготвена, кога и да се закаже, да претседавам и тоа да го направам.

Несериозен е пристапот на власта, особено затоа што тие се тие што го обелоденија овој таканаречен скандал, а при тоа пропуштија правилно да го применат Деловникот. Тоа е сомнително, најмалку речено. Тоа значи дека свесно сакаат вниманието да го насочат кон деловнички интерпретации, а во суштина – надзорот не го посакуваат. Веројатно, токму поради тоа што документите ќе откријат интересни сознанија. Не прејудицирам, само поставувам прашања. Но час поскоро ако се одржи надзорот и ако се декласифицираат тие информации, сите овие дилеми ќе бидат разрешени и ќе ја знаеме вистината, истакна пратеничката во своето денешно обраќање.

Петровска претпоставува дека „целата оваа манипулација е само подготовка за следниот чекор – спојувањето на двете агенции, со цел директор на новата агенција да биде човек без никакво искуство во безбедносниот и разузнавачкиот сектор“.

-Не го знам точниот број на пратеници што треба да поднесат иницијатива, мислам дека е една третина. Ќе го провериме Деловникот. Но, со сигурност знам дека власта го има потребниот број. Еве јавно велам: јас ќе се потпишам на таа иницијатива, затоа што сметам дека надзорот мора да се одржи, заклучи пратеничката на СДСМ.