Општина Карпош информира дека по завршените приклучоци од страна на ЕВН КЕЦ Ѓорче Петров, новата општинска зграда е ставена под електрична мрежа и целосно осветлена. Во тек е и финалното поврзување на телекомуникациските и интернет врски, со што објектот ќе стане целосно функционален за користење.
Свеченото отворање на новата општинска зграда ќе се одржи на 10 септември (среда), со почеток во 19:00 часот, пред новата општинска зграда.
Оваа модерна и енергетски ефикасна зграда претставува едно од најзначајните вложувања во историјата на Општина Карпош. Со современ интериер, кабинети и комплетно функционален приземен дел, новата зграда е изградена во согласност со потребите на локалната самоуправа и граѓаните.
Со овој капитален проект, Општина Карпош ја потврдува својата определба за создавање современи, функционални и енергетски ефикасни јавни објекти, во кои граѓаните ќе можат да ги остваруваат своите права и услуги во услови достојни за еден европски град. На свеченото отворање се поканети сите граѓани, медиумите и соработниците на Општината, соопштија од Општина Карпош.