Мицкоски се пофали со отворање на нова делница од 17 км од автопатот Кичево-Охрид

Изградбата на автопатот Кичево - Охрид, според Мицкоски, речиси една деценија била симбол на закочени и недовршени работи

од Nikola Popovski
14 прегледи Фото: Официјален Фејсбук профил на Христијан Мицкоски

Пуштањето на уште еден дел од делницата Кичево – Охрид, е силен доказ дека Македонија се движи напред, се гради и се надминуваат долгите години на застој, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски на пуштањето на делницата Климештани-Охрид во должина од 17 километри, во близина на охридскиот аеродром Свети Апостол Павле.

-Автопатот Кичево-Охрид, е од стратешко значење за нашата земја. Тој е главна артерија за поврзување на југозападна Македонија со остатокот од државата и со Охрид. Град кој не е само наш туристички бисер, туку и светско културно наследство. Со овој автопат Охрид и целиот регион добиваат нова енергија за развој, нови шанси за туризмот и нова перспектива за економијата. Со побрзо, полесно и побезбедно патување, овој автопат ќе донесе повеќе туристи, повеќе инвестиции и повеќе можности за локалната економија. Ќе се скрати времето на патување, ќе се олесни транспортот на стоки и услуги и ќе се отвори простор за нови бизниси и нови работни места, рече премиерот.

Изградбата на автопатот Кичево – Охрид, според него, речиси една деценија била симбол на закочени и недовршени работи.

-Граѓаните со право беа разочарани. Гледаа градилишта кои стојат, а не патишта што се користат. За жал поради таквата слика голем дел од наште сограѓани и го оставија својот живот овде. Денес ја менуваме таа слика. Денес покажуваме дека таму каде што имаше застој има решение, таму каде што имаше недоверба има резултати, подвлече Мицкоски.