Оваа изјава покажува дека Мицкоски е спремен да плукне на владеењето на правото, вели за „Локално“, професорката и граѓанска активистка, Мирјана Најчевска запрашана за изјавата на премиерот Христијан Мицкоски и неговата филозофија „да гради, а не да руши“ на новинарско прашање дали планира да тргне по стапките на Албанија и тамошниот премиер Еди Рама и да урива дивоградби. Рама вели дека тоа се прави за да се уверат во ЕУ дека се почитува владеењето на правото и земјата да се интегрира побрзо во блокот.
Според Најчевска, на овој начин премиерот во Македонија ги оправдува дивоградбите и не сака да го „загрева националистичкиот котел“.
-Од една страна ги поддржува дивоградбите и го оправдува прекршувањето на правото со цел да ги заштити и сите дивоградби кои се изградени од страна на ДПМНЕ (почнувајки од спомениците расфрлени низ градот а кои се спротивни на законот за градење), а од друга страна си обезбедува продолжување на праксата на заеднички договор за поделба на колачот по етничка линија, истакнува Најчевска.
Според неа, со ова се поттикнуваат сите наредни прекршувања на правото и сите идни дивоградби. Запрашана дали со ваквата изјава се поттикнуваат уште повеќе оние кои градат на диво, Најчевска смета дека е така, меѓутоа, како што вели, она што е уште потажно е дека со оваа изјава „се прават будали сите оние кои градат според законот, кои ги почитуваат прописите и кои ја имаат сета потребна документација и ги имаат платено сите потребни комуналии“.
-Со ова всушност и луѓето кои до сега го почитувале законот се поттикнуваат тоа да не го прават во иднина. И нешто пострашно, со ова се поттикнуваат луѓето да се приклонат кон владејачката партија која ќе ги штити и тогаш кога го прекршуваат законот, додава соговорничката.
Најчевска тврди дека секогаш бизнис интереси зад сето ова.
-Се работи за огромни пари но и за најдобар начин на перење пари. Градежната мафија е една од најуспешните и најмоќните мафии кои можат да купат и политичари, судии, јавни обвинители и полицајци, нагласува Најчевска.
Ваквата тема за дивоградбите е особено важна во пресрет на локалните избори. Дел од јавноста оди подлабоко во своите размислување и прашува за какви „дивоградби“ може да се говори, кога државата, и сите нејзини институции „утврдуваат правен статус“ на „бесправно изградени објекти“ и практично ги изедначуваат со легално изградените објекти. За поранешната пратеничка и аналитичарка на состојбите во државата, Никица Корубин, за да може да се оцени изјавата на премиерот Мицкоски, треба прво да дефинираме што подразбираме под терминот „дивоградба”, особено после донесување на Законот за бесправно изградени објекти во 2011 година и неговата улога.