Европа мора да биде способна да се грижи за сопствената одбрана и безбедност, ова мора да биде моментот на независност на Европа, изјави претседателката на Европската комисија во нејзиното обраќање за Состојбата на Унијата денеска.
„Ова мора да биде моментот на независност на Европа. Верувам дека ова е мисијата на нашата Унија, да може да се грижи за сопствената одбрана и безбедност, да ја преземе контролата врз технологиите и енергијата што ќе ги движат нашите економии“, рече фон дер Лајен во говорот пред европратениците на пленарната седница во Стразбур.
Таа нагласи дека сега се цртаат борбените линии за нов светски поредок заснован на моќ.
„Значи, да, Европа мора да се бори. За своето место во свет каде што многу големи сили се или амбивалентни или отворено непријателски настроени кон Европа. Свет на империјални амбиции и империјални војни. Свет каде што зависностите безмилосно се користат како оружје. И токму поради сите овие причини мора да се појави нова Европа“, рече претседателката на Комисијата.
Таа предложи заем за обнова на Украина користејќи замрзнати руски средства како колатерал.
„Треба итно да работиме на ново решение за финансирање на воените напори на Украина, врз основа на имобилизирани руски средства, со кои можеме да осигуриме дека Украина може да обезбеди заем за репарации“, рече фон дер Лајен во својот говор.
Додаде дека овие пари остануваат во руска сопственост и дека Украина ќе го врати заемот само кога Русија ќе ги плати репарациите.
„Парите ќе ѝ помогнат на Украина денес, но исто така ќе бидат клучни на среден и долг рок за безбедноста на Украина. На пример, финансирање на силни украински вооружени сили како прва линија на безбедносни гаранции“, рече фон дер Лајен.