Големи реакции во јавноста на слоганот под кој се одвиваше неодамнешното српско одбележување на Кајмакчалан. Наративот што беше истакнат на планинскиот врв посочува дека Македонија веќе е дел од „српскиот свет“. По повод 109-годишнината од Битката кај Кајмакчалан и освојувањето на врвот на планината Ниџe, делегацијата на Србија во која беа вклучени и свештени лица од Српската православна црква и војници на Армијата на Србија, и во име на Владата на Република Србија, положи венци во Спомен-капелата и во Спомен-костурницата на врвот Кајмакчалан на планината Ниџе.
Дел од медиумите објавија дека српскиот министер за одбрана Братислав Гашиќ, на државната комеморација на 7 септември 2025 година на Кајмакчалан испрати поракал дека таму „е пробиен патот на слободата“ и оттаму започнал „враќањето во татковината“. Покрај него и членката на српската влада Милица Ѓурѓевиќ Стаменковски, на истиот врв, повикала „пораката да се слушне од Кајмакчалан: Србија живее, трае и ќе трае додека постои единството на нашиот народ“, под слоган „Знамето на единството“.
За дел од домашните аналитичари факт е дека во последните неколку години безмалку сите наши соседи преку нивните вербални наративи си билдаат популистички приказни, претежно за домашна употреба. Според политикологот и воено- безбедносен аналитичар, Милан Стефановски, има и друг реален факт, а тоа е дека секоја држава сака да си го шири своето влијание бидејќи геополитичкиот контекст е таков, едноставно меѓународното право е суспендирано, засега.

Милан Стефановски/Фото: Принтскрин
-Српскиот свет или бугарскиот или било кој свет е нереален свет применлив тука. После нашето членство во НАТО, ирелевантно е во кој свет живеат нашите соседи. Неприменливи и нереални се нивните обиди за влијание кон нашиот суверинитет. Сепак заради нивните домашни случувања, овие приказни можеби имаат ефект на нивната политичка траекторија. Сепак македонскиот свет е зацврстен со нашиот заеднички светоглед со Вашингтон, САД и НАТО. Тие се гаранцијата дека суверинитетот на Македонија е неприкосновен и неотуѓив, порачува Стефановски во изјава за „Локално“.
Евидентно е дека ова е тренд кој трае неколку години. Интересно е дека скоро во секој случај има претставници од македонската влада, војска или локални институции. Сепак, според политикологот Димитар Николовски, нивото на овие настани се подигнува низ годините, како што беше случај и сега.
-Би рекол дека Македонија веќе е влезена во српскиот свет, како сфера на сериозно политичко влијание, но предалеку е да се констатира како трета српска држава. Особено последниот настан на Кајмакчалан беше пропратен со драматична реторика со огромен патос, занемарувајќи го учеството на македонското население во тие историски настани. Ако се спореди со бугарската политика на сеќавање во врска со Македонија, може да се види дека реториката веќе не се разликува многу. Но за бугарскиот случај постои сериозно негодување, додека за српскиот случај согласност и поддршка од страна на нашите институции. Би рекол дека дефинитивно на оваа влада не ѝ пречи да бидеме третирани како дел од српскиот свет, оценува Николовски во изјава за „Локално“.

Димитар Николовски/Фото: Евротинк.мк
Соговорникот сепак, тврди дека суверенитетот на земјата сепак не е поткопан, затоа што ова влијание се уште е во сферата на културните политики (комеморации, музичка сцена итн.) а нашите институции не работат под диктат на владите од странство.
-Но трендот е тој, и не би ме зачудило дополнително српско влијание во блиска иднина, констатира Николовски.
Уште од првото споменување на „српскиот свет“ во септември 2020 година, луѓето од Западен Балкан предупредуваат дека оваа кованица неодоливо потсетува на аспирациите на тогашната официјална српска политика, која одигра клучна улога во крвавиот распад на поранешна Југославија во раните 1990-ти. „Локално“ пред два месеци пишуваше на темава, особено по предупредувањата во Извештајот на Европскиот парламент за т.н. „српски свет“. Ваквиот термин како амандман стана дел од Извештајот и е јавен документ.
Авторот на Извештајот, Томас Вајц предупредуваше дека Македонија е сè уште ранлива на непријателски операции на странско влијание, насочени кон ослабување на нејзиното општествено ткиво и промовирање антиевропски наративи. Тие напори, како што е наведено, беа особено интензивирани преку таблоидите на српски јазик и медиумските мрежи кои служат како регионални релеи за пораките на Кремљ.
Н.П.