Димитриеска Кочоска: Ако сакаме да имаме економија треба да имаме здрава и победнички насочена нација

Димитриеска Кочоска наведе дека во моментот во собраниска процедура е Законот за игри на среќа преку кој приредувачите на игри на среќа уплаќаат дел од средствата во Министерството за спорт

од Nikola Popovski
17 прегледи Фото: Министерство за економија

Спортот е еден од главните приоритети на Владата и Министерството за финансии и затоа поддршката на спортот е во фокусот на работењето на оваа Влада.

„Вложувањето во спортот создава здрава нација, а спортот е единствен начин за постигнување на тоа. Ако сакаме да имаме економија треба да имаме здрава нација, дисциплинирана, посветена и победнички насочена“, рече министерката којашто денеска учествуваше на Регионалниот спортски самит, Скопје 2025 на тема „Спортот како симбол на национален идентитет и патека за Иднината на спортот: Национална стратегија, инвестиции и иновации“.

Според министерката важно е секое дете да има пристап до спорт и дека заради тоа се вложува многу во училишниот спорт.

„Како Влада даваме голема поддршка на спортот. Буџетот знаеме во каква кондиција, но и покрај сите потепшкотии што ги имаме буџетот за спортот е двојно зголемен во 2025 година во споредба со 2023 година. Имено, во 2019 година се издвојувале 300 милиони денари, во 2023 550 милиони денари, а годинава се издвоени 1,2 милијарди денари”, рече министерката.

Таа потсети на законските одредби преку кои може да се поддржи спортот од страна на економските субјекти и најави дека во наредниот период ќе се отворат поеќе закони и ќе се разгледуваат од повеќе аспекти, вклучително и од аспект на поддршка на спортот.

Наведе дека во моментот во собраниска процедура е Законот за игри на среќа преку кој приредувачите на игри на среќа уплаќаат дел од средствата во Министерството за спорт. Посочувајќи дека по овој основ се слеваат 200 милиони денари, рече дека очекува во наредниот период тој износ да расте.