Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по потпишувањето на денешната Декларација за коалиција, рече дека очекува изборна кампања во која што ќе изобилуваат шпекулации, невистини и подметнувања од опозицијата. Вели дека како заедничка коалиција имаат со што да излезат пред граѓаните и што направиле во изминатите четири години во општините и изминатите 15 месеци како централна власт.
Запрашан за случувањата со депониите Дрисла и Вардариште, вели дека Владата ги презема сите мерки. Мицкоски вели дека за Вардариште има обезбедени градежна механизација и дека депонијата е „обезбедено“.
-За Дрисла, вчера беше речиси санирана, од некои чудни причини, при крајот на дента повторно се распламта и затоа денеска ќе се позанимава МВР. Имав разговор со министерот и директорот на ДЗС. Очекувам денес и утре тој проблем да биде саниран. Тоа што со децении не е санирано и никој не водел сметка, за една недела ќе успееме да го санираме. Сочувствувам со секој еден граѓанин кој што го чувствува сето ова, но, чудно е како во одредени јавни претпријатија, каде што свои кадри има ДУИ, се случуваат вакви работи. Чудно е и тоа ќе го истражиме и ќе обезбедиме соодветни докази. Ќе видиме како може пожар кој што беше речиси беше смирен, наеднаш да се активира. Кому сето ова му одговара? Сите виновниви ќе бидат изведени пред лицето на правдата, рече Мицкоски пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.