МЈА и Француската амбасада со заеднички проект за професионализација на јавната администрација

Франција ќе ни помага во јакнење на капацитетите на јавната администрација

од Nikola Popovski
6 прегледи Фото: МЈА

Министерството за јавна администрација и Амбасадата на Република Франција денес потпишаа Меморандум за соработка, со што започнува нов стратешки проект насочен кон модернизација на институциите и градење професионална, ефикасна и доверлива јавна администрација.

Проектот „Јакнење на капацитетите и професионализација на администрацијата” се реализира во партнерство со Националниот институт за јавна администрација на Франција (INSP), Генералната дирекција за администрација и јавна служба (DGAFP), како и со Центарот за управување со промени (ЦУП) – организација која со своето искуство и експертиза дава значаен придонес во креирањето на реформите.

Главните цели на проектот се насочени кон:

-воспоставување на Академија за обука и стручно усовршување на административните службеници во рамки на Министерството за јавна администрација;

-зголемување на професионализацијата на административните службеници преку размена на искуства и развој на современи пилот-програми за обуки.

„Ова партнерство ја потврдува нашата одлучност да изградиме модерна администрација – двигател на развојот, сигурен партнер на граѓаните и столб на нашите европски амбиции. Ова е инвестиција во иднината на државата и во институции што ќе ја враќаат довербата на граѓаните.” – истакна министерот за јавна администрација, Горан Минчев.

Министерот упати благодарност до Амбасадорот на Франција, г. Кристоф Ле Риголер, како и до сите партнери кои ја овозможуваат оваа трансформација.

Преку овој меморандум, Министерството за јавна администрација уште еднаш покажува дека е цврсто определено да ги унапреди транспарентноста, отчетноста и европските стандарди во јавната служба.

Клучен резултат од оваа соработка ќе биде воспоставувањето на Академијата за обука и стручно усовршување на административните службеници – институција која ќе обезбеди континуирано знаење, практични вештини и професионален развој за сите вработени во администрацијата.

Со Академијата, Република Македонија стапува на ново ниво на градење на модерна јавна администрација – администрација што учи, се усовршува и постојано се подобрува во служба на граѓаните и европската иднина на државата.