На 1 и 2 октомври во Скопје ќе се одржи „Дигиталниот самит на Западен Балкан“, каде ќе бидат опфатени прашањата поврзани со вештачката интелигенција, 5G и оптичка инфраструктура, дигитални вештини, како и пристап на регионалните компании до единствениот европски дигитален пазар.
Ова регионална платформа ги поврзува владите од регионот, деловната заедница, академијата и меѓународните партнери со цел забрзување на дигиталната трансформација во регионот.
Најавено е присуство на министри од Црна Гора и Албанија, високи претставнци од Србија, Косово, Босна и Херцеговина, високи претставници на Европската комисија, Регионалниот совет за соработка (RCC), ITU, бизнис секторот од регионот и други меѓународни организации.
-Меѓу најважните гости и говорници ги очекуваме и Ренате Николаи (DG CONNECT), генералниот секретар на RCC Амер Капетановиќ, заменик-генералниот секретар на Меѓународната телекомуникациска унија (ITU) Томас Ламанускас, видео-обраќање од Томас Јарзомбек (Парламентарен Државен секретар на СР Германија), како и од приватниот сектор Свјатослав Сењута од VISA, Марк Васич од Дојче Телеком и Кејт Марш од British Council, информира Андоновски на прес-конференција, најавувајќи го Самитот, информираше на денешната прес-конференција министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.
Како што посочи, Самитот има исклучително значење зашто ќе ги продолжи напорите за натамошно намалување на роаминг трошоците WB6–ЕУ со патека кон „роаминг како дома“, за нула трошоци за интернет за македонските и граѓаните од Западниот Балкан во ЕУ.
Регистрацијата за учество на Самитот е отворена преку официјалната веб-страница: https://digitalsummitwb6.com/.
Андоновски најави дела Самитот ќе биде организиран на две сцени, главна и технолошка, со три носечки приоритети: дигитален паричник – сигурен и препознатлив пристап до јавни и приватни услуги, интероперабилност – поврзување на системи и регистри за прекугранични електронски услуги и сајбер-безбедност – заштита на личните податоци и критичната инфраструктура, а се очекуваат повеќе од 800 учесници и говорници.