ХЕРА: Фемицидот не е приватен проблем меѓу двајца, случајот со Росица мора да стане преседан

Случајот со Росица не е само прашање на трагедија, туку на политиката кон жените, законите остануваат „мртво слово на хартија“, велат од Aсоцијацијата за здравствена едукација и истражување за „Локално“

од Бисера Трајковска
27 прегледи Фото: Фејсбук

Убиството на Росица е уште еден потресен доказ дека системот не функционира на начин што би спречил вакви трагедии. Жените и понатаму живеат во страв, бидејќи институциите кои треба да ги заштитат често не реагираат навремено или ја потценуваат опасноста. Оваа трагедија не смее да остане само уште една бројка во статистиката, велат за „Локално“ од Aсоцијацијата за здравствена едукација и истражување – ХЕРА.

Од Здружението појаснуваат дека фемицидот е веќе инкриминиран како посебно кривично дело во Кривичниот законик и тоа претставува важен чекор, но самиот закон не спасува животи ако не е проследен со целосна примена и системска промена.

-Имаме долга листа на мерки кои треба да бидат проверени дали се спроведуваат и како функционираат во пракса.  Иако ја имаме усвоено Истанбулската конвенција за спречување и борба против насилството, неодамнешните извештаи на Европската комисија укажуваат дека се уште немаме соодветно спроведување, дел поради недостиг на ефективни оперативни процедури и програми, дел поради недостиг на финансирање.

Од ХЕРА појаснуваат дека случајот со Росица е аларм дека мора да има итни и конкретни мерки, дека државата мора да го покаже својот капацитет да го заштити најосновното право , а тоа е правото на живот. Фемицидот, како што велат, не е приватен проблем меѓу двајца, туку прашање на јавна безбедност и човекови права.

-За жал, кај нас сеуште постојат места каде што институциите не ја препознаваат сериозноста и различните форми на насилство, па дури и случаеви каде што институциите не постапуваат (соодветно) по пријавите, за што говорат трагичните настани во изминатиот период, велат од ХЕРА.

Минатата недела се одржа и протест на кој учесниците побараа институционална одговорност за фемицидите.

Од ХЕРА велат дека протестот беше силен и јасен сигнал дека граѓанките и граѓаните повеќе не се подготвени да молчат и да дозволат институциите да се извлекуваат со празни зборови.

-Барањето за институционална одговорност не е само праведно, туку и неопходно: доколку некоја институција не реагирала на време, тоа мора да биде јавно признаено и санкционирано. Во спротивно, секој следен фемицид ќе биде соучесништво на државата. Дали институциите ќе ја сфатат сериозноста?  Тоа зависи од тоа дали ќе ја надминат досегашната практика на формални реакции без суштина, велат од Здружението.

Од ХЕРА потенцираат дека овој случај мора да стане преседан, да покаже дека неказнивоста завршува тука и дека одговорноста ќе се бара од сите, од најниското до највисокото ниво. Исто така, како што потенцираат, потребно е итно да се обезбедат ресурси за сервисите што се борат на првата линија  бидејќи без силни и независни сервиси за поддршка, се останува само празна правна рамка.

Според нив, несомнено е дека постои потреба од континуирана едукација и зајакнување на капацитетите на стручните лица, се со цел ефикасно и адекватно постапување, како и преземање на соодветни мерки во ситуации на насилство.

-Дополнително, санкциите треба да бидат само дел од сеопфатниот пристап кој вклучува и превенција на насилството, континуирана и мултисекторска комуникација и следење на изречените санкции, и уште побитно е рехабилитација и работа со сторителите. Самото санкционирање не носи промени во однос на наученото насилно однесување и негова корекција, а со тоа, и не го превенира понатамошното насилство.

Од ХЕРА велат дека главните слабости не се однесуваат на тоа што нема закони, туку во тоа што тие остануваат „мртво слово на хартија“.

-Системот реагира доцна, институциите честопати не соработуваат меѓу себе и не ја делат одговорноста.  Полицијата, центрите за социјална работа и обвинителството ретко прават вистинска проценка на ризик и не ја применуваат заштитната рамка што веќе постои. Судството, пак, често испраќа порака дека насилството врз жените не е приоритет, со лесни казни и долги постапки. Најсериозно, жртвите не добиваат доверба и поддршка за да пријават, бидејќи знаат дека системот е непредвидлив и дека заштитата е неизвесна, потенцираат од Здружението.

Сопоред нив, образовниот систем е клучна почетна точка за едукација и превенција од насилство, и има централна улога во општествениот развој и промените.

-Пред се, зборуваме за воспитна институција која наместо да моделира конструктивно ненасилно однесување и да негува емпатија и вештини за мирно решавање на конфликтите, се уште се случува да се навраќа на насилството како воспитен метод. Училиштето е средината во која треба да се создаваат основните за здрави врски, во која ќе се работи и со момчињата и со девојчињата на едукација, превенција и заштита од разните форми на насилство, во која се учи за конструктивно решавање на конфликти, за родова еднаквост и емпатија, потенцираат од ХЕРА.

Како што посочуваат, уште поважно е и родителите да бидат активно вклучени во процесот бидејќи тие играат клучна улога во формирањето на ставовите и однесувањето на своите деца.

-Родителите можат да го поддржат учењето на своите деца и да промовираат позитивни вредности и однесувања дома. Уште повеќе, подобра координација меѓу институциите е клучна за обезбедување на брза и ефикасна помош за жртвите.  Само кога различните служби, како полицијата, здравствените установи, социјалните служби и правосудните органи ќе работат синхронизирано, може да се гарантира дека жртвите ќе добијат навремена и соодветна поддршка, појаснуваат од Здружението.

Тие потенцираат дека економските мерки и пристапноста до ресурси за зајакнување на жените се од суштинско значење, бидејќи финансиската независност може да им помогне на жртвите да излезат од насилни средини. Како што додаваат, работата со сторителите преку програми за промена на наученото насилно однесување е исто така неопходна за долгорочно решавање на проблемот.

-Ова не е само прашање на една трагедија, туку на целата политика на државата кон жените. Ако навистина сакаме да кажеме дека животите на жените се важни, тоа мора да се покаже преку дела, а тоа е потребна силна и доследна имплеметација на итни системски промени, транспарентна одговорност и конкретни мерки за заштита за родово- барзирано насилство врз жените. Очекуваме одговорност по име и презиме на институциите и на одговорните лица кои не спречиле да се случи фемицидот, имајќи предвид дека жртвата многукратно пријавувала насилство, појаснуваат од ХЕРА.

Б.Т.