Сосема ми е разбирливо дека некои земји, како Полска, веќе покажуваат решителност дека дронови и авиони кои очигледно го прекршуваат воздушниот простор ќе бидат соборени. Балтичките држави отворено дискутираат за потребата од построги мерки. Тоа е сигнал дека Алијансата е подготвена, но во исто време сака да избегне непотребна ескалација, вели воено-безбедносниот аналитичар, Александар Србиновски за упадот во воздушниот простор на дел од земјите од НАТО.
Во разговор за „Локално“, тој, меѓу другото, истакна и дека Москва треба да знае дека ваквите „тестови“ нема да останат без одговор и дека секој следен инцидент го намалува просторот за дипломатски маневар.
-Со други зборови, ако досега се реагираше со предупредувања и протести, по овие средби очекувам НАТО да премине во режим на превенција – со засилено присуство, усогласени правила и јасна порака дека црвената линија е веќе исцртана.., нагласува меѓу другото Србиновски.