„Сметките за струја, вода, парно, одржување на згради…за стан од 50 метри квадратни се исти без разлика дали во него живее млад брачен пар, пензионери или семејство. Наместо да се пресметуваат посебни потрошувачки кошници од Владата треба да пресметаат дали исто се платени младите, мажите, жените, возрасните…“, вели претседателот на Синдикат за градежништво и член на ССМ, Иван Пешевски за најавата за зголемување на бројот на потрошувачки кошнички.
Во разговор за „Локално“, Пешевски вели дека целта на потрошувачката кошница која е статистичка операција и чии репер е четричлено семејство е да покаже со колку не може да се живее.
-Никој не може да не убеди дека со 5 кошнички ќе живееме подобро. Цените се тие и платите треба да се зголемат. Податоците покажуваат дека 73 отсто од вкупниот број вработени се под просечната плата. Од друга страна младите не може да си дозволат да купат стан, да плаќаат кредит или кирија, бидејќи според пресметките доколку живеат во изнајмен стан потребни им се дополнителни 21.471 денар, додава, меѓу другото, Пешевски.