Дали обвинителите и судиите ќе добијат повисоки плати е прашањето кое деновиве се поставува, откако премиерот Христијан Мицкоски излезе со став дека некои од нив не ја заслужуваат ни таа што веќе ја имаат. Дали токму во платата се наоѓа решението за одеднаш подобрување на состојбите во правосудството, знаејќи за фактот дека довербата на граѓаните во оваа инстанца не е повисока од 2 проценти?
Екс-судијката Маргарита Цаца Николовска во изјава за „Локално“ потенцира дека платите на судиите и обвинителите треба да бидат на нивото на меѓународни стандарди, а за тоа дали квалитетно ја вршат работата, надлежен да каже е Судскиот совет.
-Платите треба да се на ниво на она што се меѓународни стандарди, особено што има и препорака. Во однос на тоа дали они квалитетно си ја вршат работата или не, не можам јас ништо да ви кажам. Има Судски совет, таму треба да се обратите. За секој судија постои податок, тие податоци се до одреден степен јавни, рече Цаца Николовска.
Таа смета дека не се упатни изјавите од извршната власт какви одлуки носеле судиите или обвинителите, затоа што постојат три посебни власти и секој одговара во рамките на свои надлежности.

Маргарита Цаца Николовска Фото: Институт за човекови права
-Лично сметам дека не се упатни изјавите какви одлуки носеле, од страна на другите власти, еве во конкретниот случај извршната власт. Тоа се три посебни власти, секој одговара во рамките на свои надлежности одговара. Исто така, има орган кој што се грижи за нивната одговорност и мислам дека тие органи се одговорни да даваат изјави за квалитетот на работата на судиите, појасни Цаца Николовска.
Во однос на вчерашната условна пресуда за докторка во случајот Онкологија, Цаца Николовска рече дека конкретната пресуда е првостепена и не би требало да се даваат коментари без разлика од кого доаѓаат.
-Конкретната пресуда е првостепена пресуда и не би требало да се даваат коментари без разлика од кого доаѓаат, заради тоа што тоа утре или задутре може да влијае на она што значи целосно завршување на постапката. Таа пресуда може да биде предмет на жалба, и по жалба да се одлучува. На овој начин, може да се третира дека се врши одреден притисок врз органот кој што ќе одлучува или евентуално по жалба, додаде Цаца Николовска.
Таа е на ставот дека не би требало да се даваат квалификации по однос на оваа одлука.
-Сметам дека не треба да се случуваат квалификации по однос на тоа каква е одлуката, уште повеќе што прашање е колку релевантни информации постојат за такво нешто, и колку од тие што даваат квалификации се во судската фела, рече Цаца Николовска.
Според неа, судството се напаѓа постојано, а ништо не се презема во однос на редуцирање на овие напади.
-Судството се напаѓа цело време и не знам што се презема по однос на редуцирање на тие напади или на подобрување на квалитетот во работењето. Она што е најважно, треба да се презентираат и изнесуваат аргументи и за едното и за другото. Исто така, важно е да постојат елементи врз кои што ќе можат да се дадат одредени наводи, а тие наводи треба да доаѓаат од органите кои што се одговорни за оценување на работата на судиите, и обвинителите и се она што значи правораздавање, додаде Цаца Николовска.
Таа вели дека за секоја судска постапка и за сите обвинителски активности постојат надлежни органи кои можат да дадат свои видувања и да ја оценуваат нивната работа.

Гордан Калајџиев Фото: Принтскрин
Универзитетскиот професор Гордан Калајџиев за „Локално“ појаснува дека во системот на поделба на власта не е на премиерот да ги казнува судиите и јавните обвинители.
-Во системот на поделба на власта не е на Премиерот да ги казнува судиите и јавните обвинители. Премиерот не е султан нити крал, фала Боже!, потендира Калајџиев.
Тој е на ставот дека обврска на Владата е да создава услови за непречено фунционирање на судството.
-Обврска на Владата е да создава услови за непречено фунционирање на судството, што меѓу другото значи да го обезбеди и буџетот предвиден за истите! Да сумираме, премиерот не е султан нити крал, додаде Калајџиев.
Б.Т.