Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ги демантира наводите што се проширија на социјалните мрежи дека убиената Росица Коцева неколку месеци пред трагичниот настан му испратила СМС-порака во која барала помош за нејзиниот случај.
Од Министерството за внатрешни работи одговорија дека министерот ги демантира наводите изнесени во јавноста.
„Министерот Панче Тошковски категорично ги демантира наводите поврзани со вашето прашање. Воедно упатува апел овој трагичен настан да не се злоупотребува за дневнополитички цели“, наведуваат од МВР.
Во јавноста и на социјалните мрежи кружи фотографија за која се тврди дека е СМС пораката што Росица наводно ја испратила до Тошковски. Сепак, на сликата недостигаат три цифри од телефонскиот број, нема датум на испраќање, а веродостојноста не може да се потврди. Во спорната порака, меѓу другото, пишува: „Човекот кој од декември ме демне, ме тепа, силува и ми ја запали колата, сè уште е на слобода! Вратен му е пасошот од МВР и во моментов слетува во Берлин“.
Претходно се огласија и од СДСМ и упатија низа прашања до министерот, поврзани со фотографијата која кружи во јавноста.