Уставен не поведе постапка за Одлуката со која Владата го намали бројот на советници во одредени општини

„Со оглед дека локалните избори се за неполн месец, овој реферат беше изготвен во многу кратко време зошто не знаевме всушност каква ќе биде одлуката да не има некои последици околу одржување на изборите“

од Vladimir Zorba
13 прегледи Фото: Принтскрин/МИА

Уставниот суд денеска одлучуваше за два предмета поврзани со изборниот процес. Ја оценуваше уставноста и законитоста на Одлуката со која Владата го намали бројот на советници во одредени општини и одлучуваше за уставноста и законитоста на упатство донесено од ДИК, соопшти на денешната прес-конференција претседателот на Уставен суд Дарко Костадиновски.

Како што наведе судија известителот за првиот предмет, Добрила Кацарска, Уставниот суд со мнозинство гласови одлучи да не се поведе постапка за Одлуката со која Владата го намали бројот на советници во одредени општини.

– Со оглед дека локалните избори се за неполн месец, овој реферат беше изготвен во многу кратко време зошто не знаевме всушност каква ќе биде одлуката да не има некои последици околу одржување на изборите. Неколку аспекти се битни за донесената одлука. Најнапред околу надлежноста на Владата, дали Владата има надлежност да донесе ваква одлука. Апсолутно Владата е единствениот орган кој може да ја донесе оваа одлука, а надлежноста ја црпи од Уставот, член 91, алинеја 1, бидејќи таа е надлежна за извршување на законите. Воедно надлежноста произлегува и од член 63, став 3 од Законот за Влада на Република Северна Македонија. Околу извршувањето на законите, нема кој друг да е надлежен, освен самата Влада, рече Кацарска.