Во моментов не се поставува прашањето за аерозагадување, туку за загадување на почвата, по пожарот во Трубарево. Се поставува прашањето колку идната пролет, кога ќе бидат наредните земјоделски производи во Трубарево, истите ќе бидат безбедни за конзумација и на кој начин тоа државата ќе контролира да не стигнат до пазарите доколку не се безбедни, а локалното население да не ги конзумира, посочи ко-претседателката на ДОМ, Ана Угринска.
Таа на денешната прес-конференција, одговорајќи на новинарско прашање, посочи дека мора да се направат многу сериозни истражувања и за тешки метали и за диоксини и други наведени токсини кои што се создаваат при ваквото согорување, после пожарот што избувна во Трубарево.
-Не можеме да се ограничиме само на воздухот. Мора да имаме континуирано следење на загаденоста на почвите во Македонија. Ние си имаме некоја идеја дека кај нас е се чисто, а на Западот е контаминирано. Не е така. Почвите ни се загадени. Заради тоа, неопходна е многу работа и регулирање на загаденоста на почвата, од каде е потребно да има биоремедијација, за да имаме безбедна храна на трпезите, рече Угринска.
Ко-претседателот на ДОМ, Александар Анѓушев, одговорајќи на истото прашање, посочи дека пожарот во Трубарево е последица на постојано занемарување на одредени права и стандарди. Тој е на ставот дека сериозно треба да се пристапи кон третман на луѓето кои што го вдишале воздухот.
-Имаше индиции дека можеби е подметнат тој пожар. Нашата реакција беше во насока тоа да се разреши. Според мерењата на Институтот, кадмиумот е 12 пати над дозволеното ниво. Тоа кажува дека сериозно треба да се пристапи кон третман на луѓето кои што го вдишале воздухот, додаде Анѓушев.
Според Анѓушев, доколку имало индиции дека е подметнат пожарот, тоа треба да биде третирано како кривично дело.
Во однос на третманот со отпад, рече дека се борат за рециклирање и реискористување на отпадот, но тоа треба да се врши на соодветен начин, со соодветни механизми на контрола и инспекција.
Граѓанскиот активист Един Јакуповиќ од Движење за демократија права и слобода (ДПС), рече дека мораме да го менуваме системот, во однос на поставување на луѓе на раководни позиции.
-Не може ние за директор на Дризла да поствавуваме партиски, политички кандидат. Тоа мора да бидат независни професионалци, докажани во својата струка. Овие институции мора да бидат раководени од професионалци, рече Јакуповиќ.
Б.Т.