ДС бара Обвинителството да отвори истрага против Ахмети за загрозување на територијалниот интегритет на Македонија

ДС го повикува јавниот обвинител да преземе соодветни дејствија, потсетувајќи дека „Ахмети во 2001 со својата одметната вооружена банда ја нападна државата истакнувајќи територијални барања, поради што подоцна беше амнестиран“

од Nikola Popovski
52 прегледи

Најновата закана на лидерот на ДУИ Али Ахмети, дека доколку Македонија не го продолжи својот пат кон ЕУ, дел од граѓаните ќе одат со Албанија, а другите со Бугарија, е директна закана за територијалниот интегритет на државата и повик за поделба на Македонија меѓу Албанија и Бугарија, велат од Демократскиот сојуз. Партијата го повикува Јавниот обвинител да отвори истрага и да покрене соодветна постапка против Али Ахмети за загрозување на уставниот поредок на државата и нарушување на територијалниот интегритет и суверенитет.

-Претседателот на ДУИ, барајќи спас од кривичен прогон на неговата одметната криминална партиска врхушка, веќе подолго време работи на поделба на граѓаните – на оние кои се наводно определени за европскиот пат и оние кои се божем против. Притоа сака да прикаже дека Македонците, за разлика од Албанците, не сакаат членство на државата во ЕУ. Но откако не успеа да докаже дека ДУИ е ексклузивен легитимен претставник на Албанците во власта, Ахмети реши да отиде чекор подалеку – и да ги повика Албанците да одат во ЕУ со Албанија, а Македонците – со Бугарија!? Ова, меѓу другото е и злонамерна сугестија на поранешниот командант на УЧК, дека мнозинството Македонци би прифатиле да станат Бугари само заради членство во ЕУ, велат од ДС преку соопштение.

И покрај тоа што, додаваат од партијата на Али Ахмети, огромното мнозинство граѓани на Македонија нема да го послушаат овој очајнички предизборен повик на Ахмети за поделба, ДС го повикува јавниот обвинител да преземе соодветни дејствија, потсетувајќи дека тој во 2001 г. со својата одметната вооружена банда ја нападна државата истакнувајќи територијални барања, поради што подоцна беше амнестиран.

-Кривичното дело сега го повторува со повик за поделба на Македонија. Тоа не смее да помине неказнето, порачаа од партијата која е дел од владеачката коалиција.

Слични содржини