ДПС и ДОМ со заедничка кандидатска листа, Карајанова Димитрушева ќе ја предводи листата на советнички места во Советот на Град Скопје

Нивните листи ќе се натпреваруваат во повеќе општини, а како што најавија, сржта на нивната коалициска платформа ќе бидат ранливите категории. 

од Бисера Трајковска
58 прегледи

Движењето за демократија, права и слободи (ДПС) и ДОМ денеска ги претставија нивните кандидатски листи, на заедничката Коалиција „За зелена иднина“. Нивните листи ќе се натпреваруваат во повеќе општини, а како што најавија, сржта на нивната коалициска платформа ќе бидат ранливите категории. 

Листата на советнички места во Советот на Град Скопје ќе ја предводи Ана Карајанова Димитрушева, а носител на листата за советници во Општина Битола, е Рамадам Лустемоф.  

Нивните листи ќе се натпреваруваат во повеќе општини во државата – Град Скопје, Центар, Карпош, Куманово, Битола, Охрид, Штип, Демир Капија, Дојран, Дебар, Маврово, Ростуше и Ранковце. 

 -Зелената партија ДОМ и Движењето ДПС денеска рамо до рамо почнуваме да ја биеме битката за суштински системски промени. Оваа одлука за коалиција не е партиска манипулација туку искрен, другарски, политички завет. Завет за здрава животна средина, чесност и граѓанска партиципација. Ние нудиме искрена грижа за сите граѓани со посебен акцент за ранливите категории, рече на денешната прес-конференција граѓанскиот активист Един Јакуповиќ од ДПС. 

Ко-претседателот на ДОМ, Александар Анѓушев, на прес-конференцијата рече дека
на листата на Град скопје за првпат ќе биде личност со попреченост. Како што рече, Ана Карајанова Димитрушева ќе ја предводи листата на советнички места во Советот на Град Скопје. 

-Таа не е симболична фигура, туку гарант дека во Советот на Град ќе влезе вистински застапник за правата на ранливите категории. Ја прифаќам оваа чест како обврска пред луѓето со попреченост, пред лицата со посебни потреби и нивните семејства и пред сите оние кои секојдневно се соочуваат со бариери во нашето општество. Моето учество јасно укажува дека политиката може и мора да се отвори за оние луѓе кои порано беа отфрлени и поставени надвор од системот, рече Карајанова Димитрушева на денешната прес-конференција. 

 Носител на листата за советници во Општина Битола, е Рамадам Лустемоф. 

-Денес, кога зборуваме за зелена иднина, не зборуваме само за паркови и чист воздух – зборуваме за достоинствен живот. За маала што нема да бидат оставени на маргините, за училишта во кои децата ќе имаат еднакви услови, за град во кој јавните простори ќе бидат достапни за сите. Нашата борба не е борба само за Ромите, туку за сите граѓани на Битола кои сакаат чесна, правична и еколошка власт, рече Лустемоф на денешната прес-конференција. 

Слични содржини